Функционални и дисфункционални семејства


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Кога говориме за „функционалност“ како поим, таа означува „нешто што функционира, опстојува“. Кога функционалноста се поврзува во корелација со семејството, тоа би значело дека ваквите семејства се служат со обрасци на однесвање кои резултираат со реализација на семејните цели, како: опстојување на семејството како заедница, обезбедување на егзистенција и решавање на проблеми. Од особена важност е и да се напомене чувството на благосостојба и поврзаност помеѓу членовите на семејството.
Проценката дали едно семејство е функционално пред се ќе зависи од целите кои семејството ги поставува пред себе, во кои се вклучени системот на вредности, животниот циклус и задоволувањето на економските и културните потреби.

Според стратешкиот пристап функционалните семејства се отворен систем, семејство кое има јасни граници кои дозволуваат соодветен и непрекинат проток на размена на информации во рамките на семејството и надвор од него, прилагодливост и организација.
Главните карактеристики според кои можеме да го препознаеме функционалното семејство се следните:

  •  Отворен став кон луѓето
  •  Уважување на индивидуалноста, автономијата и приватноста
  •  Јасна, топла и отворена комуникација помеѓу членовите на семејството
  •  Флексибилна контрола од страна на родителите кон децата, но по пат на договор
  •  Членовите меѓусебно се подржуваат, разбираат, помагаат, сакаат, непречено и сосема спонтано ги остваруваат своите интеракции, ја делат радоста, тагата, хуморот
  •  Се охрабруваат и охрабруваат силни личности, но воедно се почитува и различноста
  •  Сите членови на семејството имаат чувство на идентитет, тие се дел од семејството, автономија, што им овозможува на децата еден ден да го напуштат семејството
  •  Непосесивна топлина, љубов помеѓу родителите, родителите и децата и децата помеѓу себе

Во дисфункционалните семејства наместо адаптабилност постои ригидност (крутост) и неспособност да се реализираат развојните задачи. Имено, ваквите семејства многу често го негираат постоењето на проблемот, решавањето на проблемот се поставува на погрешно хиреархиско место, овие семејства имаат нејасна и несоодветна хиреархиска структура. Да појасниме, не постои јасна и дистанцирана распределба на улогите. Имено улогите се заменети, што би значело дека често се случува децата да го завземат местото на родителите во носењето и спроведувањето на одлуките и обратно.

Секое семејство пред себе поставува различни цели, животни предизвици, поинакви соништа, но она по кое сите семејства би требало да наликуваат едни на други е семејната хармонија, топлината на домот, блискота помеѓу членовите.

Не постои образец или примерок по кој би морале да се водиме. Љубовта, разбирањето, меѓусебната подршка, меѓусебната помош и почитта се примесите кои семејниот живот ќе го направат посладок. Сакајте се, почитувајте се меѓусебно, едноставно и само на тој начин ниеден животен предизвик нема да биде претежок да се надмине!

Извадок од студентското списание „VOX“
Алксандра Мишовска, Студент на Институтот за семејни студии
Филозофски факултет