Бугарскиот продуцент Димитри Монев во Roomania – ексклузивно интервју: „Мојата музика е мојот идентитет“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Аудио серијалот на диџеј миксови Roomania ја објави четвртата епизода од сезоната насловена “Cave of hands”, на платформата SoundCloud. ”Cave of hands” или ”Пештера од раце”, ја симболизира временската оддалеченост од живите клупски настани каде дигнатите раце беа синоним за добра забава. Во новата епизода гостин е Димитри Монев од Бугарија.

Димитри Монев е еден од водичите на новиот бран уметници на електронска музика во Бугарија. Неговиот стил се издвојува на електронската сцена. Спојка од минимал звуци, хаус вокали и искршени хип-хоп битови е дел од палетата со која располага за создавање врева на диско подиум. Активен е и како продуцент кој брои многу изданија за познати етикети.

Во продолжение, краток разговор со Димитри Монев, кој оригинално е направен на англиски јазик.

Roomania: Здраво Димитри. Како еден од нашите омилени продуценти, чест ни е што си дел од “Roomania”. Како си и како го поминуваш овој продолжен период на изолација?

Здраво Roomania, убаво што креативно ја реализираме нашата дружба. Задоволство ми е да одговорам на вашите прашања. Како и многу други уметници во мојата сфера, имав мирна година исто така. Живееме во лудо време сега. Многу соништа беа уништени, но гледам како луѓето наоѓаат начини да се подобрат и да успеат со музиката. Индустријата се врти на подобро. Едно нешто што најмногу ми недостасува се клубовите, но сигурен сум дека наскоро ќе танцуваме сите заедно.

Roomania: Во нашите подкасти промовираме звук што е комплициран по својата едноставност. Тоа е звукот на роминимал. Како се поврза со овој вид на музика?

Ова веројатно ќе звучи клише, но моето влијание за роминималот дојде од моето прво присуство на „Sunwaves festival“ 2009 година во Романија,по враќањето, ја раширивме истата визија за овој вид музика со мала локална група од мојот град.

Roomania: Добропознатиот романски диџеј „Herodot“, го “вртеше” твојот едит на ”Nas feat. Lauryn Hill – If I Ruled The World”. Така те откривме тебе. Тоа е една од траките кои најмногу ги „вртевме” во изминатата година. Можеш ли да го објасниш процесот на уредување на оваа трака? Како дојде од идеја до реализација?

Тоа е точно! Таа преработка ја направив во 2017 година. но се проби во почетокот на 2019 година кога Херодот редовно ја “вртеше”. Никогаш не очекував такво внимание за оваа трака, но многу луѓе зборуваа за овој едит и го пуштаа низ целиот свет. Идејата излезе спонтано. Тоа е стара песна што ми се допаѓаше во моето детство и одлучив да ја преработам.

Roomania: Која трака или песна те инспирираше и те привлече во продукција под влијание на хип-хоп битови?

Тешко е да се прецизира една хип-хоп песна кога има толку многу, но навистина ми се допаѓаат „The Notorious BIG“, „Wu-Tang Clan“, „Outkast“, „Cash Money“ и многу други.

Roomania: Нема потреба да се напомене, но сигурно правиш музика во овој период. Што може да очекуваме од тебе во 2021-ва година? Некое издание што би можел да споделиш?

Во периоди како овие, јас се фокусирам најмногу на подобрување на себеси. Можам да кажам без сомнение дека сум работел многу за 2021 година. Ја започнав годината со издание на песна за „TIED“ (Чикаго), за нивната огромна компилација „Isolation“ , каде беа вклучени многу добри пријатели и продуценти. Моите најнови изданија вклучуваат неколку преработки за „Coast2coast“ VA и „Retrospect“.

Следно, ЕП за француска етикета, ремикс на интересен уметник (ТБА) и неколку различни уметници.

Roomania: Сигурни сме дека со целото ова „дополнително“ време на располагање имаш преслушано многу стари работи. Дали има некое име што ти го привлече вниманието или некои стари траки што ти евоцираа посебни спомени?

Има многу, но јас вратив неколку стари спомени вртејќи неколку траки во овој микс на „Roomania“: “DJ Jaz – Skyler” (2010) и “Chris Pascoe – Eco Acid Dub” (2006).

Roomania: Дали се сеќаваш на некои од првите плочи што ги купи?

Се сеќавам на првите што ги добив и бев воодушевен што ги имав: “Loco Dice – Pimp Jackson is Talkin’ Now” (12inch Limited Edition) и “Davide Squillace – It’s All About Toe” [Adagio].

Roomania: Што најмногу ти фали од периодот на живи настапи во овој период на пандемија?

Ми недостасува дружењето со моите пријатели, запознавањето нови пријатели, диџеј кабината, споделувањето добри вибрации и патувањата. Опимист сум дека сето тоа ќе се врати брзо (стискам палци).

Roomania: Со кое место или фестивал се чувствуваш многу поврзан?

Има многу убави клубови низ светот, тешко е да се издвои некое место. Некои од моите омилени места каде што се чувствувам „поврзано“ се “DC 10” (Ibiza), “Kristal” (Bucharest), “Hearts & Treehouse” (Miami), “Halcyon and Public Works” (San Francisco), “TBA” (Brooklyn).. Ако зборуваме во однос на фестивалите -“Sunwaves” (Mamaia).

Roomania: Некој што никогаш не слушал електронски жанрови, доаѓа на твоја журка и покажува интерес за твојата музика. Што би им препорачал како вовед во светот на електронската музика?

Јас би им рекол да го следат своето срце и да ги избегнуваат стереотипите. Ти си тоа што го слушаш.

Roomania: За крај, како би го опишал твојот микс за “Roomania”? Зошто слушателите треба да го слушнат овој микс?

Тоа е мешавина од микро-минимал грув придружен со моќни олд-скул вибрации што му внесуваат динамика. Мислам дека секој што го слуша може да најде своја нова омилена трака тука.

Roomania: Ти благодариме што беше дел од “Roomania“. Се надеваме дека наскоро ќе можеш да се претставиш во живо пред македонската публика.

Следната епизода излегува за две недели. Повеќе информации за аудио серијалот ”Cave of hands”, како и преслушување на претходни и следни епизоди може да следите на Soundcloud профилот на Roomania и социјалните мрежи на Room 313.