Белгискиот премиер Шарл Мишел – нов претседател на Европскиот совет


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Белгискиот премиер Шарл Мишел вчера беше избран за нов претседател на Европскиот совет.

Претседателот на Европскиот совет се избира за периодот од 1 декември 2019 до 31 мај 2022 година. Мандатот од две и пол години за претседателот на Европскиот совет се обновува еднаш. Европскиот совет, исто така, ја поздрави одлуката на шефовите на држави или влади на земјите-членки од еврозоната да го назначи Шарл Мишел за претседател на Евросамитот, за истиот мандат.

Европскиот совет ја усвои одлуката германската министерка за одбрана Урсула фон дер Леен да биде предложена во Европскиот парламент како кандидат за претседател на Европската комисија. Предложената кандидатка ќе мора да биде избрана од Европскиот парламент со мнозинство членови.

Европскиот совет, исто така, смета дека Јозеп Борел Фонтелје е соодветен кандидат за висок претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика. За формално именување на високиот претставник од страна на Европскиот совет е потребна согласност од новоизбраниот претседател на Комисијата.

За претседател на Комисијата, за висок претставник и за другите членови на Комисијата како тело ќе се гласа во Европскиот парламент, пред официјалното назначување од страна на Европскиот совет. Нивниот мандат ќе трае 5 години од крајот на мандатот на сегашната комисија до 31 октомври 2024 година.

Европскиот совет исто така смета дека Кристин Лагард е соодветен кандидат за претседател на Европската централна банка. Европскиот совет ќе донесе формална одлука за назначувањето врз основа на препорака на Советот, откако ќе се консултира со Европскиот парламент и со Управниот совет на ЕЦБ. Мандатот за претседател на Европската централна банка е 8 години, необновлив.