Со агресивниот одговор на владините мерки за почитување на македонското античко минато, од одредени поранешни и сегашни политички структури и медиуми, спонтано влегува бугарската пропаганда во Македонија.

Целта на бугарската пропаганда, која се засилува деновиве, а постои уште од 19 век, е да се докаже дека денешните Македонци немаат ама баш никаква врска со древниот македонски народ и дека се чисти Словени, кои дури во 1903 година, со првите дела на
Крсте Петков Мисирков се осознаваат како Македонци.
Идејата на оваа пропаганда е мошне јасна. Ако нема осознаено население со јасен македонски идентитет кој влече корени од антиката, бидејќи уште оттогаш битисувале Македонците, тогаш влијанието на бугарската пропаганда кое е неоспорно ќе се претстави како легитимен и логичен момент, а не како агресивен културен геноцид.
Всушност, грчката и бугарската историографија се мошне координирани во тоа прашање, а во последниов период можевме да забележиме и разни ’историски’ семинари на високи функционери меѓу кои присуствуваше и
Дора Бакојани каде што се дебатира за македонското прашање.

Нивната политика е сосема јасна и оди на принцип на сврзани садови. Имено,
античкиот период на Македонија е јасно грчки, додека словенскиот период е јасно бугарски. Нишка меѓу овие два периоди нема, бидејќи ако има, паѓа и грчката, а богами и бугарската теза.
Токму ова што го напишав им било јасно и на нашите преродбеници од 19 век (г.
Љубчо Георгиевски лаже дека нема такви податоци) кои за да се ослободат од стегите на бугарската пропаганда, отворено ја изложуваат тезата дека тие се потомци на славните Александар и Филип.
Само како илустрација:
„Нашата татковина Македонија си има историја за своето минато, каде што се гледа нејзината моќ, величина, како и нејзиното политичко потчинување под власта на тогаш моќната турска империја. ...
Денес, секој Македонец, кога го спомнува Александар Македонски, вели: Ние сме го имале цар Александар Велики. Со тие зборови тој си припомнува за блескавиот период и величието на македонската држава.
Александар Македонски стои пред лицето на секој Македонец како национална гордост!“
(Коста Шахов, в. "Македонија" на , број 4, Русе, 11. ХI.1888 година)
„Младата дружина под превезот на книжевноста не ја гони целта и пропагандата за некаков фонетски правопис, туку тенденции и цели колку куриозни, жални, толку збунувачки, срамни и опасни.... Дружината полека ќе го подготвува бугарското општествено мнение за одделување на Македонија од Бугарија и полека лека ќе воведува зборови од охридското поднаречје што ќе биде литературен јазик на идната Голема Македонија, на чело на која ќе дојде некој од
редакторите на Лоза, во својство на Филип и Александар?! Како што гледате, Македонската дружина смета дека нивната татковина е Македонија, населена со одделно словенско племе наречено Македонци, дека таму се собрале севозможни надворешни елементи , т.е. Бугари, Грци, Срби...дека целта им е да ни дадат еден силен отпор и да се зачуваат од нашите разбојнички посегања и дека Лоза ќе и служи на таа цел! Како ви се бендисува?“
Д.Т. Левов, "Лоза". Свобода 6/786, Софија. 13.04. 1892.
Македонскиот востанички комитет озаконува во 1878
„...Познато ни е на сите нас дека злосреќната наша земjа Македониja поради причини од еготистички цели од страна на големите сили е оставена повторно на Турциja по Берлинскиот конгрес. Како резултат на тоа, доjде во одредени области на нашата татковина до многу крвави сцени познати на секого.
Со желба да го отфрлиме од нашата татковина турскиот jaрем, секоj oд нас, кoj колку може, станавме да се жртвуваме, бидеjќи од секого од нас е нужна помош. Ние востанавме како поборници на слободата. Со нашата крв што се лее по полињата и горите македонски ние служиме, како
македонската воjска на Александар Македонски, за слобода со нашата девиза" 'Слобода или смрт!'..."
извор:
од приватната библиотека на патриjaрх Кирил. Заведено под сиг:
Арх. Од дело 2341, AE 50, l.l. 30-61.
Резиденциja нa манастирот во Драгалевци (Софиja) Бугариja
Е, сега да продолжиме! Според бугарската историографија, Словените кои живееле на територијата на географска Македонија, се сметале за Бугари.
Тоа е цела пропагандна машинерија, која веќе како што кажав неколку векови ја труе македонската почва, а
деновиве кулминира со изјавите на Љубчо Георгиевски, деклариран застапник на бугарскиот став околу нашето постоење.
Имено, според Георгиевски, а и според целата од А о Ш негаторска бугарска историографија, денешните Македонци немаат никаква нишка со античките Македонци, тие се чисти Словени, кои до Крсте Петков Мисирков се нарекувале Бугари, а дури потоа под влијание на српската пропаганда национално се одделиле од својот бугарски корен.

Се разбира, прво тезата за чисто словенски народ е прилично расистичка и нацистичка. Според целокупната историска наука, не постои чист народ на светот, освен кај
Хитлер и кај денешните Грци.
Така, секој народ е создаден од најмалку два етнички супстрати. Како на пример,
денешните Англичани се мешавина од Англи, Сакси, Нормани и Бретонци. Дури и нивните имиња се интересни – името Англија е земено од Англите кое е германско племе, додека Британија е земена од Бритонците кое е келтско племе. Кој ќе им рече сега на Англичаните дека не знаат што се, или да си одберат дали се антички или Словени, т.е.
дали се Англи или Бретонци?....
Понатаму, денешните Французи се создадени од Франките кои се германско племе, Галите кои се келтско племе и романизираното население. Дали некој на Французите им вели дека смее да го слави
Карло Велики бидејќи е Франк, а не
Бренос (имаат и негови статуи) или
Астерикс и Обеликс бидејќи се Гали?
Да продолжиме, денешните Бугари според нивната историографија се мешавина од
Прабугарите на Аспарух кои дошле во 7 век на Балканот и Словените кои се затекнале тука.
И никој не бара исклучивост? Ако Бугарите ги слават
Кирил и Методиј, не значи дека не треба да го слават Аспарух, кој очигледно не е Словен!
Вакви примери низ историјата има илјадници. Денешните Италијанци, Германци, Шпанци, Норвежани, Швеѓани, Руси и тн. сите овие се создадени од два или повеќе етнички супстрати. Кај Русите ситуацијата е далеку покомплицирана...
Проблемот со словенството е што поради прагматични причини во долг период се негуваше, еден во науката познат,
панславизам, кој заради свои историски политички причини пропагираше дека од Македонија на југ, до Словенија, Чешка и Полска на запад, па се до Владивосток во Русија на исток живеат исти словенски народи.
Сите овие луѓе зборуваат на словенски јазици. Словенечки, чешки, украински и руски. Ама, уште црнец фали за навистина да се потврди пансловенската теза :)
Навистина, сите овие народи зборуваат словенски јазици и тоа не е спорно. Но, тоа само по себе во историјата не може да докаже дека се работи за сродни народи.
На пример,
денешните Ирци воглавно зборуваат англиски, а имаат свој ирски јазик кој сега ретко се зборува или е целосно изгубен. Но, немаат никакви заеднички корења, баш напротив. Дали некој денес ќе им каже на Ирците дека се Англичани?
Понатаму, денешните Бугари имаат чист словенски јазик сличен на нашиот, но тоа не ги спречува да ги слават и почитуваат
Прабугарите кои зборувале на различен јазик, почитувале различни богови и имале различна култура.
Никој денеска не ги кара Бугарите што го слават Аспарух?
Потоа интересен е примерот во Латинска Америка. Таму скоро цел континент освен Бразил зборува шпански. Дали тоа некој сака да тврди дека сите се Шпанци или дека не смеат да помислат да ја почитуваат древната индијанска култура?

Баш напротив, во последниов период забележани се многу потези на боливискиот претседател
Ево Моралес пред се, на поголемо инсистирање и афирмација на предшпанскиот период на Боливија, бидејќи тој народ – од кој произлегол боливискиот технички цело време бил подоминантен, освен што го изгубил својот јазик.
На крајот на краиштата, треба да се знае дека нациите во денешна смисла на зборот се појавуваат во 18 и 19 век од исто така политички мотиви. Дотогаш власта и народот се поврзувале со владетелот!
Така, како и германската, италијанската, бугарската, грчката и тн. и македонската нација се оформила во овој период!
Како заклучок: Денешниот македонскиот народ е мешавина од многу народи и племиња кои давале свој елемент, но македонското име и македонската култура опстоиле пред се` заради славното минато на Александар и потребата на народите да се идентификуваат со некој великан. А, Александар е великанот на великаните!
Македонија не смее да се дели на Словени и Антички, Македонците се и едното и другото! Колку што се Кирил и Методиј наши славни предци, исто толку е и Александар Македонски иако е факт дека не зборувале ист јазик. Исто како што не зборувале ист јазик ни Карло Велики ни Бренус, или Аспарух и Васил Левски, но и Французите и Бугарите ги слават и едните и другите!
Пишува: Костадин Стојаноски, дипломиран историчар - архивист
Доколку имате било какви забелешки на оваа тема слободно коментирајте на нашиот Форум!
19.06.2009