Македонија очигледно самата донесе одлука да поднесе тужба пред Меѓународниот суд на правдата.
Ова синоќа го изјави портпаролот на Стејт департментот Шон Мекормак на прашање од грчки новинар за тоа дали имало комуникација или координација со САД пред македонската влада да повлече таков потег.
Како што пренесе „Гласот на Америка“,Мекормак истовремено ги поддржа преговорите што за спорот околу името се водат во рамки на Обединетите Нации.
„И натаму го поддржуваме процесот на соработка за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за проблемот со името. Ги поддржуваме напорите на амбасадорот Нимиц“, рече Мекормак.
Портпаролот на Стејт департментот ја отфрли ги новинарските шпекулации дека САД би се вклучиле во судскиот процес со тоа што би дале свое гледиште за случајот.
Претходно, медијаторот Метју Нимиц соопшти дека добил уверување од македонската влада дека поднесувањето на тужбата нема да ја намали нејзината заложба да продолжи со процесот во рамки на ОН за изнаоѓање на решение, како и дека наскоро ќе назначи нов преговарач.
Copyright 2008 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax. 19.11.2008