Шест милиони садници, на над 100 локации ќе бидат засадени денеска ширум земјата, во рамки на акцијата Ден на дрвото.
Денешниот ден за сите вработени во министерствата, судовите, јавните претпријатија и сите други буџетски установи ќе биде неработен, а ќе се одработува во сабота.
Нема да работат ниту училиштата, дел од градинките, додека во болниците ќе има дежурства.
Акцијата „Ден на дрвото“ се одржува втора година и има за цел да се зголеми шумскиот потенцијал во Македонија, што секоја година е десеткуван поради шумските пожари.
Иницијатор на акцијата е познатиот оперски пејач Борис Трајанов, а се реализира со поддршка на Владата.
Прва локација на која успешно беше завршена денешната акција за пошумување, е местото "Рид", над село Волково-општина Ѓорче Петров, каде до 11 часот, беа засадени сите предвидени 7.000 садници, информираа од организаторите на оваа акција.
Акцијата “Ден на дрвото - Засади ја својата иднина“ започна викендов, со садење дрвца од страна на Дипломатскиот кор, кои засадија дрвца пред платото на салата „Борис Трајковски“.
Исто така премиерот Никола Груевски и владиниот кабинет по повод “Денот на дрвото“, во близина на споменикот на Ослободителите на градот, вчера засадија дрвца.
Владата одвои за оваа акција 90 милиони денари. Обезбедени се шест милиони садници. Во основните училишта ќе бидат засадени и 5.000 декоративни садници.
Во акцијата активно се вклучи и Армијата на Република Македонија. Повеќе од 1.800 припадници на армијата од седум армиски гарнизони ќе засадат околу 200.000 млади стебла на 14 пунктови низ земјава.
19.11.2008