Еден од најпознатите македонски кинематографи, режисерот на Истрел, Најдолгиот пат и Македонска сага, Бранко Гапо, почина на 77-годишна возраст.
Почина македонскиот филмски режисер
Бранко Гапо кој во рамките на македонската кинематографија го имаше најбогатиот филмски игран опус од шест играни филмови.
Денови на искушение (1965), Истрел (1972), Време без војна (1969), Најдолгиот пат (1976), Време, води (1980) и Македонска сага (1993) се насловите на филмовите кои на достоинствен начин, во тоа време, ја промовираа македонската кинематографија на речиси сите континенти во светот.
Бранко Гапо е роден на 5 јули 1931 година во Тетово. Со филм започнал да се занимава како аматер уште во училишните денови. Професионално се врзува за филмот во почетокот на 50-тите години кога дебитира со прилози во Филмските прегледи (1951 година) на Вардар филм. Две години подоцна, во 1953-та година, го реализира својот прв документарец Мугри во полињата. Во 1956-тата година Гапо се појавува со документарецот Птиците доаѓаат, една исклучително лирска репортажа.
Во документаристичкиот опус на Бранко Гапо, кој брои повеќе од 40 филмови, со својата моќ на филмското кажување, особено се издвојуваат:
Патем (1966), Лето Господово 67 (1967), По пат одам за пат прашам (1968), Амен Сиам бут Рома (1976). Козите... и друго по 10 години (1976), Лето Господово 77 (1978)...
Паралелно со реализацијата на документарни филмови Гапо асистирал и на играни проекти кај режисерите Димитрие Османли, Франце Штиглиц и др, а од особено значење за неговиот подоцнежен ангажман во играниот филм е секако соработката со светски познатите синеасти Абел Ганс н Вилијам Дитерле.
Во периодот 1961 - 1964 година Бранко Гапо во повеќе наврати има студиски престои во Париз кадешто во Француската кинотека и во познатите париски студија ги дооформува своите знаења за филмската уметност.
Работејќи практично со документарната филмска материја, Гапо, паралелно во 50-тите и 60-тите години се занимаваше и со филмска критика, објавувајќи рецензии, коментари, осврти и анализи во дневниот печат и во специјализираните списанија за уметност ("Разгледи", "Современост", "Културен живот" и.т.н.).
18.11.2008