Кога ќе помислиме на Џејмс Бонд, првите асоцијации ни се секси девојки, софистицирани гаџети и скапоцените автомобили. Додека првите две ставки – згодните моми и направите – секој пат успеваат да ја задоволат напалената и технолошки ориентирана публика, кога автомобилите се во прашање, досегашните продолженија за најпопуларниот филмски шпиун имаа свои пропусти.
Џејмс Бонд не возеше секогаш атрактивни суперспортски модели како Лотус Еспирит или Астон Мартин. Тајниот британски агент често мораше да се снаоѓа на сите можни и неможни начини за да го спаси светот или да побегне пред непријателите.
Citroen 2CV 6 – For Your Eyes Only
Во едно од бизарните продолженија во кој агентот 007 го игра
Роџер Мур , Бондовиот Лотус Еспирит се самоуништува при обидот на негативецот да го провали, па на нашиот протагонист не му преостанува ништо друго туку за бегство да го искористи Спачекот на својата љубовница. Во сцената која жестоко се коси со сите познати закони на физиката, Бонд го служи среќата и сопствената возачка способност за да ги претикне брзите и надмоќните негативци (во моделите на Пежо 504).
Веродостојност:0
Возачка способност: 10
Автомобил:1
Renault 11 – A View to a Kill
Тешко беше да се надмине Спачекот, барем кога се во прашање најлошите автомобили на Бонд, но дека би можело да биде уште поневеродостојно, ни покажа 14–от филм, „Поглед на убиство“, каде што легендарниот Роџер Мур за последен пат го глуми Џејмс Бонд. Настојувајќи да го престигне бегалецот со падобран, Џејмс Бонд ’позајмува’ Рено 11 такси. Следи се разбира надреално тркалање по скали, неколку спектакуларни прескокнувања и шлагот на тортата – масакрирање на автомобилот. Реното 11 стоички поднесува конверзија во кабриолет, откако кровот од автомобилот ќе биде пресечен од спуштената рампа, а фарсата станува уште поголема кога во бочниот судар Единаесетката останува и без задниот дел. Па, на кој му е гајле што таму е резервоарот? Бонд и со половина автомобил и без гориво го престигнува бегалецот.
Веродостојност: -574
Возачка способност:10
Автомобил:3
AMC Hornet – The Man with the Golden Gun
Наводно дури 11 произведувачи биле подготвени да им платат на продуцентите на филмот Човекот со златен пиштол, за да може Џејмс Бонд да управува токму со нивното возило. Не треба да ве чуди тоа што во текот на филмот се појавуваат неколку AMC (American Motors Corporation) модели и што конечната брканица Бонд ја поминува зад воланот на Hornet X Hatchback Special Coupe. Иако самото возење е досадно, споменатата брканица, спиралниот скок преку реката, и денес спаѓаат меѓу најамбициозните каскадерски потфати во историјата на филмската индустрија.
Веродостојност: 10
Возачка способност: 10
Автомобил: 4
Tuk Tuk – Octopussy
Ниту еден друг актер кој го глумел агентот 007 немаше таков јаден избор на возила како Роџер Мур во 13-от филм. Octopussy, ни го донесе уверливо најлошиот 007 автомобил на сите времиња – индискиот Тук Тук. За среќа со него не управува самиот Бонд, туку агентот на МИ6 кој на нашиот херој (а и на публиката) им дава до знаење дека Тук Тук всушност е креација на Q, па затоа не треба да ве чуди сета сила на надрелните брканици кои се случија.
Веродостојност: - 1.000 000
Возачка способност: 0
Автомобил: 0
Aston Martin DBS – Casino Royale
Во претпоследното продолжение Казино Ројал, Бонд освен шансата да управува со Форд Мондео, имаше прилика да седне зад воланот на еден од најпосакуваните егзотични суперавтомобили на денешницата – Астон Мартин ДБС. Наместо жестока потера која би влегла во аналите на филмската продукција, продуцентите се одлучија за соборување на Гинисовиот рекорд во бројот на салта мортале што автомобилот при безизлезното бегање и превртување може да ги изведе. Јаден крај за феноменален автомобил.
Веродостојност:0
Возачка способност: 0
Автомобил: 10
6.11.2008