Претседателот на Србија изјави дека усвојувањето на резолуцијата за Косово во Генералното собрание на ООН претставува прва голема дипломатска победа на Србија во меѓународните односи после многу години.
Тадиќ, после седницата на Генералното собрание на ООН на која беше усвоена иницијативата на Србија, Меѓународниот суд на правдата да ја оцени легалноста на еднострано признаената независност на Косово, повтори дека Србија нема да отстапи од одбраната на својот интегритет.
„Никогаш не смееме да отстапиме од интегритетот на нашата земја и од одбраната на тој интегритет, вклучувајќи и Косово и Метохија“, изјави Тадиќ за РТС, како што пренесува агенцијата Нетпрес.
Тадиќ додаде дека не се сложува со оние кои сметаат дека отстапувањето од Косово подразбира забрзани европски интеграции. „Јас мислам сосема спротивно“, нагласи тој.
Истовремено истакна дека Србија не смее да се бори за својот интегритет со тоа што ќе влага во конфронтации.
9.10.2008