Медијаторот Метју Нимиц, според се уште непотврдени информации, планира наредната среда в Њујорк да ги повика преговарачите во спорот за името меѓу Македонија и Грција и да им ги предаде неговите последни идеи кои овој пат ќе бидат во писмена форма.
Специјалниот известувач на телевизија „А1“ од Њујорк јави дека дипломатскиот тим кој работи со медијаторот Нимиц ги анализира последните негови разговори со грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани и македонскиот претседател Бранко Црвенковски и ја подготвува финалната варијанта на неговиот предлог.
Двете страни за сите точки од предлогот ќе треба да се изјаснат исто така во писмена форма.
Според известувачот, дури се предвидува овој предлог, за разлика од неколкуте претходни да бидат заведени во архивата на Обединетите нации, а тамошните аналитичари тоа го коментираат како сигурен знак дека доколку истиот не биде прифатен ќе дојде до промена на принципот на преговори.
Притоа не се исклучува можноста Нимиц да побара да биде сменет од неплатената функција на медијатор. Блиски извори до него наведуваат дека тоа не е дефинитивно поради неговата голема желба докрај да го истера мандатот кој трае веќе 10 години.
Засега нема детали од предлогот, а во игра се сите опции кои се слушнати досега. Покрај конкретните предлози за името и неговата употреба, Нимиц размислува и за анекс кој треба да даде прецизен план за временската рамка и процедурите кои двете страни ќе треба да ги преземат за евентуалниот договор да биде практично спроведен. Шансата за договор е минимална, но се уште постојат, велат извори на А1, кои се запознати со делови од предлогот.
Copyright 2008 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
2.10.2008