Американските научници открија докази за судир на две планети кои кружат околу ѕвездата BD+20 307 од соѕвездието Овен, оддалечена 300 светлосни години од Земјата, што претставува новина во астрономијата.
„Тоа е како да се судриле Земјата и Венера“, вели
Бенџамин Зукерман, професор по физика и астрономија на Калифорнискиот универзитет во Лос Ангелес (УКЛА).
„Астрономите не виделе ништо слично досега. Веројатно вакви катастрофални судари можат да се случат и во планетарен систем кој целосно созреал“, додаде тој.
За откритието се заслужни научниците од УКЛА, калифорнискиот технолошки институт во Пасадена и Државниот универзитет во Тенеси.
Целото откритие би требало да биде детално објавено во декемвриското издание на Astrophysical Journal.
Научниците откриле значително и невообичаено количество прашина во орбитата околу ѕвездата BD+20 307, што единствено може да биде резултат од судир на две планети.
24.09.2008