Некои гледаат тунел или силна светлина. Други пак, лебдат над болничкиот кревет гледајки ги докторите и сестрите како ги оперираат.
Во најголемото истражување од овој тип, научниците ќе испитуваат искуства на 1500 луѓе за да дознаат дали овие надтелесни искуства се реални, или е се игра на умот.
За време на тригодишното истражување, докторите на посебни полици во болничките соби и сали ќе постават слики кои ќе можат да се видат само одозгора.
Ако некој од пациентите се присети на таа фотографија, тоа ќе биде првиот цврст доказ дека надтелесните искуства се реални.
Д-р
Сем Парниа, кој го води истражувањето на универзитетот во Саутемптон, вели: „Ако може да се демонстрира дека свеста постои откако мозокот умира тогаш тоа ни дозволува свеста да ја третираме како посебен ентитет.“
„Мала е веројатноста дека ќе наидеме на многу случаи во кои тоа се случува, но и покрај тоа мораме да бидеме отворени кон се.“
„Ако никој не се сети на поставените слики, тоа ќе покаже дека таквите искуства се илузии и лажни сеќавања. Тоа е мистерија која сега можеме да ја ставиме на научно истражување“, додава д-р Парниа.
Околу 10 до 20% од луѓето на кои после срцев удар им запира срцето зборуваат за некој вид на надтелесни искуства. Тоа вклучува сеќавања, мисли и понекогаш детално присетување на случувањата за време на смртта.
Студијата ќе се однесува на преживеаните од срцев удар кои поминале период без работа на срцето и мозочни активности.
„Наспроти стандардното верување, смртта не е специфичен момент. Тоа е процес кој почнува со прекин на работата на срцето, мозокот и белите дробови“, вели д-р Парниа.
„Потоа следи период на време кој може да трае неколку секунди па и до неколку саати, во кои медицината може да ја оживее личноста. Она што луѓето го доживуваат за време на тој период ни дава единствен увид во искуствата низ кои сите би требало да поминеме за време на умирањето“, тврди д-р Парниа.
Многу луѓе кои поминале низ тоа искуство тврдат дека доживеале живот после животот. Некои тврдат дека слушнале глас кој им велел да се вратат назад, други почувствувале неопислива топлина и чувство на мир.
Но, научниците сметаат дека сите тие искуства се на физичка база и се надеваат дека ова истражување ќе ги отстрани сите дилеми.
20.09.2008