Западните земји мора подобро да се подготват за идните сајбер напади на нивните информатички мрежи, како што се случија во Естонија и Грузија, предупредија експертите на конференцијата во Талин.
„Светот конечно се разбуди и сфати дека сајбер безбедноста е нешто многу сериозно“, рече
Март Лаар, поранешниот естонски премиер кој веќе три години е советник на грузискиот претседател
Михаил Саакашвили.
Пролетта минатата година естонската интернет мрежа, која е инаку многу развиена, беше парализирана поради напад од хакери, воглавно Руси. Нападот беше во исто време со побуната на руското малцинство во Естонија кое беше незадоволно со преместувањето на споменикот на Црвената армија.
Минатиот месец серверите на грузиската влада доживеаја слични напади во моментите кога изби вооружениот судир со Русија заради побунетите области Абхазија и Јужна Осетија.
„Сајбер војната против Грузија што беше во август докажа дека може да биде дел од вистинската војна на теренот“, додаде Лаар.
7.09.2008