Во просториите на Македонскиот олимписки комитет, се одржа свечена презентација на Олимписката делегација која ќе ги брани боите на Македонија на 29-те Летни олимписки игри кои ќе се одржат во Пекинг, Кина, во периодот од 8 до 24 август 2008 година.
На претходно одржаната седница на Управниот одбор на ОК било одлучено носител на македонското знаме на ОИ во Пекинг да биде кајакарот Атанас Николовски, пренесува Нетпрес.
Седуммина спортисти ќе ја претставуваат Македонија на претстојните Летни олимписки игри. Со постигнати норми за учество ќе настапат борачот Мурад Рамазанов и кајакарот Атанас Николовски.
Со вајлд-карти ќе настапат стрелачот Сашо Несторовски (10 метри, воздушна пушка), пливачите Елена Поповска (100 слободно) и Михајло Ристовски (200 слободно) и атлетичарката Ивана Рожман (100 метри) и атлетичарот Реџеп Селман (трискок).
Заеднички беше заклучокот на нашите олимпијци дека ќе се обидат да ја претстават Македонија во најдобро светло, притоа ветувајќи дека ќе дадат се од себе да го подобрат националниот рекорд во дисциплината во која ќе ја претставуваат нашата земја.
Делегација, во која покрај спортитстите ќе учествуваат и четворица тренери и претставници на МОК, ќе ја предводи претседателот на Македонскиот олимписки комитет Васил Тупурковски, а за Пекинг ќе замине на 28 јули.
Спортистите кои ќе учествуват на игрите ќе носат спортската опрема од реноминираниот производител на спортска опрема "Пума", а олимписката делегација на свеченото дефиле на отварањето на Летните олимписки игри ќе носи произвиоди македонска компанија "Макпримат".
Досега македонските спортисти на Олимписките игри освоиле 13 медали во разни спортови и три медали на Параолимписките игри.
23.07.2008