Скриени длабоко во бразилската прашума, примитивното племе Енвира за првпат се сретна ’лице в лице’ со модерниот свет. По првичниот шок, ги подигнаа своите лакови и на ’големото железно пиле’ кое ги вознемири им ’опнаа’ по некоја стрела.
Индијанското племе во областа Енвира, беше откриено во едно од најзафрлените делови на амазонската прашума, во близина на границата со Перу.

Овие неверојатни фотографии го прикажуваат едно од последните ’изгубени племиња’ во моментот на соочување со цивилизацијата. Многу јасно се гледаат дваесетината домородци кои живеат во колиби, а на некои фотки се гледаат и како ги острат своите копја.

Двајца домородци, кои од глава до пети биле обоени во портокалова боја, се обиделе со стрели да го погодат авионот. До нив стои уште еден припадник на племето, обоен во црно, кој само стои и зачудено го гледа железното пиле.

„Со овој лет и покажавме на јавноста дека тие се таму, дека навистина постојат. Тоа е многу важно бидејќи секогаш има луѓе кои се сомневаат дека такви племиња воопшто постојат“, изјави експертот за племиња
Хозе Карлос дос Реис Мирелес.

Низ целиот свет постојат околу 100 ’нечепнати’ племиња, од кои над половина живеат во Бразил и Перу. За жал, популацијата драстично им се намалува бидејќи ’цивилизацијата’ му ги узурпира живеалиштата или ги убиваат болестите на современото општество. За среќа, тоа досега не е случај со племето Енвира, вели Мирелес.

„Овој свет треба да се разбуди и да осигура дека нивната тероторија ќе биде заштитена и тоа во склад со меѓународните закони. Или, тие едноставно ќе изумрат“, вели
Стефан Кори, директор на Сурвајвл.
30.05.2008