Стотици илјади жаби побегнале неколку дена порано од градот во близина на епицентарот на разорниот земјотрес што во понеделникот ја погоди југозападна Кина.
Властите денеска соопштија дека бројката на загинати може да достигне до 50,000.
Невообичаената миграција на жабите, кои кон крајот од минатата недела ги преплавиле улиците во градот Мијангјанг, предизвикала коментари на блогерите, кои во тоа препознале знак за најава на земјотресот.
Меѓутоа, експерт, цитиран од новинската агенција Нова Кина, ги отфрли таквите претпоставки.
„Постојат бројни причини за аномалии кај животните. Земјотресот е само една можност, како и климатските промени и атмосферските услови“, изјави Занг Гуомин, научник од Институтот за сеизмолошки истражувања.
Повозрасните луѓе, кои ден пред земјотресот биле интервјуирани од локалниот весник, тврделе дека миграцијата на жабите наговестува катастрофа.
Појавата кај помладата популација предизвикала смеа, е некои подуховити коментирале дека жабите излегле на улиците за да го пречекаат олимпискиот факел.
Помошникот на Центарот на сеизмолошки мрежи во Кина, Занг Ксоидонг, изјави дека за проучувањето на земјотресите би бил голем исчекор доколку би можела да се утврди врската помеѓу некои од природните феномени и потресот што потоа ќе уследи.
„Проблемот е во тоа што некоја појава може да се случи пред земјотрес, но таа истата појава не мора да се повтори во некој друг регион по некој друг земјотрес“, изјави Ксоидонг.
Тој не ја исклучува можноста дека постои врска меѓу однесувањето на животните и појавата на земјотреси, но, истакнува дека за темелно проучување на таквите невообичаени појави насекаде во светот каде се случуваат земјотреси, се потребни десетици, стотици, па дури и илјадници години.
„Предвидувањето на земјотресите останува енигма во светот“, посочи Ксоидонг.
Copyright 2008 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
15.05.2008