Кристофер се обидел да пие вода на стотина различни начини
Ако мислите дека некогаш сте имале навистина големи проблеми со икањето, кое никако не сакало да запре, што ќе кажете за ова британско момче кое без прекин ика веќе 15 месеци!
24-годишниот
Кристофер Сендс од Линколн - Британија ика на секои две секунди од февруари 2007 година. Пресметал дека досега икнал вкупно неверојатни 10 милиони пати. За време на јаки напади на икање Сендс не може нормално да спие, да јаде, ниту да вози автомобил.
Како пејач во бенд, оневозможен е и професионално, така што цело време се чувствува исцрпено. Се обидел да го победи икањето на традиционални и необични начини вклучувајќи хипноза, јога, билна медицина и други различни методи, но без ефект. Сега се подготвува за операција.
Докторите во болницата во Нотингeм веруваат дека неговиот проблем може да го решат со операција на стомакот. Претходно бил на снимање на мозокот, градите и абдоменот за да ја открие точната причина на проблемот, но ништо од тоа не дало точен одговор. Почнал да се плаши дека ќе ика до крајот на животот. Сега сите надежи ги полага во операцијата.
„Се прашувам дали ќе икам цел живот. Никој не знае како и зошто почна сето. Секој ден се борам за воздух, што е прилично застрашувачки. Се надевам дека операцијата ќе ми помогне", објаснува очајниот Сендс.
Но, неговото пореметување не е ништо во споредба со она на Американецот Чарлс Озборн кој икал цели 68 години од 1922 до 1990.
7.05.2008