Анализите на фосилните остатоци покажаа дека предокот на денешниот слон, кој живеел пред 37 милиони години, живеел во вода слично како нилскиот коњ денес, а праслонот со изгледот потсетувал на денешниот тапир.
Научниците од Универзитетот Оксфорд во Англија и Универзитетот Стоуни Брук го анализираа хемискиот состав зачуван на забите од фосилите откриени во северен Египет. Анализата покажа дека животните се хранеле со билки од реките или мочуриштата.
Истражувањето, чии резултати се објавени во стручното списание
Proceedingѕ of the National Academy of Science, би можело да фрли ново светло во начинот на живот на предците на денешните слонови.
„Отсекогаш се веруваше дека слоновите се развиле од некој вид на свои копнени предци и дека отсекогаш живееле на начинот на кој живеат и денес“, вели д-р
Ерик Сејферт, еден од учесниците во истражувањето.
„Но, по ова конкретно откритие можеме да тврдиме дека во далечното минато, праслоновите живееле целосно различен начин на живот од денешниот, а тоа може да ни помогне да научиме повеќе за нивната анатомија и околината во која живееле“.
ДНК анализата на забите покажа дека слоновите се далечни роднини на ламантините (морски крави) и мороните (индиски морски крави), како и на други цицачи меѓу кои и предокот на денешниот зајак.
Фосилните остатоци во забите на праслоновите докажаа дека овие слонови живееле пред 37 милиони години на подрачјето на Египет, каде во тоа време денешните пустини биле прекриени со мочуришта и суптропски шуми.
„Изотопскиот состав зачуван на нивните заби е многу сличен на оној кој го пронаоѓаме кај водните цицачи“, вели д-р Сејферт, додавајќи дека тоа само „ја поткрепува хипотезата според која праслоновите поголемиот дел од животот го поминувале во вода, а помалку на копно“.
17.04.2008