Сите знаеме дека филмовите ги извртуваат фактите за да се зголеми драматичноста, но прикажаните десет филмови, според веб порталот Јаху се апсолутни победници во нереалните прикажувања на најзначајните настани од светската историја.
10.000 пред Христа
Режисерот Роланд Емерих обично е реалист (праќање компјутерски вирус преку Мекинтош на вонземјани во филмот „Ден на независноста“), но во својот нов филм „10.000 пред Христа“ направил огромна грешка. Имено, влакнестите мамути не се користеле за градење на пирамиди. Всушност влакнестите мамути никогаш не се пронајдени во пустина. Не би можеле ни да бидат толку влакнести ако живееле в пустина, а немало ни пирамиди се до отприлика 2.500 години пред нашата ера.
Гладијатор
Царот Комодус не бил плачко опседнат со неговата сестра, каков што е прикажан во славниот филм. Бил насилен алкохоличар и сигурно не бил некој цвикатор. Вешто владеел скоро дванаесет години, а не одвај неколку месеци. Исто така не си го убил татко му, Марко Аурелиј, а не е вистина ниту дека е убиен во гладијаторска арена, туку убиен е во сопствената када.
300
Иако овој филм е базиран на една од најславните случки во античката историја, битката кај Термопилите, сепак во него има многу стилски слободи. Герузија или собранието на старци било составено од мажи постари од 60 години, па немало млади мажи како Терон (кој го игра 37-годишниот Доминик Вест). Исто така, Спартанците во битка не оделе облечени само во кожни спидо гаќички, туку носеле и бронзени оклопи.
Последниот самурај
Јапонците навистина кон крајот на 19 век, најмиле странски советници за да ја модернизираат сопствената војска, но тие воглавно биле Французи, а не Американци. Ликот на Кен Ватанабе бил базиран на вистинскиот Саиго Такамори кој по поразот извршил ритуално самоубиство или „сепуку“. Исто така тешко веројатно е ветеран од Американската граѓанска војна и алкохоличар да совлада стапчиња за јадење, а не пак самурајски меч.
Апокалипто
Филмот на Мел Гибсон им зададе тешки проблеми на антрополозите. Секако дека Маите имале чуден ритуал на принесување жртви, но не на Кулкулкан, богот на Сонцето и само поглавните заробеници биле погубувани. Освојувачите кои доаѓаат на крајот на филмот, испаднаа како спасители, а всушност околу 90% од автохтоните Американци умреле како последица од зарази, убиства и тн.
Мемоарите на една гејша
Оние кои станувале гејши, ’мизуаге’, всушност морале да ја сменат фризурата и облеката, но не морале да бидат интимни со клиентите. Во сцената каде Сајури го заведува господарот Гион со страстен танц, чевлите, вештачкиот снег и пригушеното светло - повеќе изгледа како дел од легендарниот клуб Студио 54, отколку предвоениот Кјото.
Храбро срце
Факт е дека килтовите почнале да се носат во Шкотска отприлика 300 години по времето на Вилијам Волас. Според филмот на Мел Гибсон, неговите сини очи биле толку силни, што успеал да ја заведе жената на кралот Едвард Втори, Изабела од Франција, а последица од нивната афера бил Едвард Трети. Сепак, според историските книги, Изабела тогаш имала само три години, а Едвард Трети е роден седум години по смртта на Вилијам Волас.
Елизабета: Златната ера
Во 1585 година, кога се одвива дејството на филмот, кралицата Елизабета имала 52 години, а Кејт Бланшет имаше 36 години додека го снимаше филмот. Покрај тоа не и можел да и се додворува Иван Грозни, затоа што тогаш веќе бил мртов. Во филмот англиската кралица ги собира своите трупи во Тилбури јавајќи на бел коњ, како маж, во целосен оклоп со меч, но фактот е дека Елизабета јавала на женско седло, настрана и носела жезло. Повеќе изгледала како кралска кукла, отколку како Јованка Орлеанка.
Патриот
Една од главните фигури за време на Американската војна за независност, Франсис ’The Swamp Fox’ Мерион, е основа за ликот што го игра Мел Гибсон, но тој всушност не бил визионер и семеен човек, како што е прикажан. Мерион всушност бил робовладетел кој не се оженил со својата братучетка се до крајот на војната, Историчарите исто така тврдат дека активно ги гонел и убивал припадниците на индијанското племе Чироки. А возбудливата битка кај Гилфорд, во кој Мерион ги уништи Британците, е чиста измислица. Во реалност, Американците ја изгубиле оваа битка.
2001: A Space Odyssey
Не знаеме зошто го вклучиле и овој филм во листава, посебно ако се знае дека се работи за научно-фантастичен филм кој не претендира кон никакви историски моменти. Сепак, еве што напишаа од Јаху:
Според филмот, во 2001 година веќе требаше да патуваме до Јупитер, да се надмудруваме со чувствителниот компјутер и прилично да еволуираме. Всушност нас ни се случи да ни падне вселенската станица Мир и да добиеме Виндоус XP и Freddy Got Fingered.
24.03.2008