
Девојките од реге дуото Jam Sistazz, кое го сочинуваат Ели Раста Грл и Иренска, се дел од македонските изведувачи кои ќе настапат на годинешното издание на Егзит фестивлот на Петроварадинската тврдина во Нови Сад.
Нивниот настап ќе се одвива на реге сцената на вториот ден од фестивалот (10 јули) како дел од програмата во која се вклучени голем број на светски и локални реге артисти.
Ова прво и единствено женско реге дуо егзистира од 2005 година и има остварено бројни настапи низ скопските локали, а последнава година се дел од редовната програма на клубот Кастро.
Заедно со уште неколку диџеи се дел од тимот кој го организира и настапува на традиционалниот “Боб Марли Ин Мемориам” – настан кој веќе шест години се одржува на познатата школка во градскиот парк.
Ели Раста Грл (Елизабета Клинчаревска Младеновска) која е актерка, на пошироката јавност и е позната по неколку ТВ емисии, реклами, серии, претстави и како вокал во екс групата “Бум”. На големи врати ја најавува својата нова песна во реге стил која треба да излезе во етерот во текот на август.
3.07.2009


























