
Младен Секуловиќ или попознат како Карл Малден почина на 97-годишна возраст од природна смрт. Својата слава ја стекна со многу филмови, а во 1951 доби оскар за најдобра споредна улога во филмот „Трамвајот наречен желба“.
Светот го знаеше и како поручник Мајк Стоун во култната серија „Улиците на Сан Франциско“ во која глумеше со Мајкл Даглас.

Четири пати по ред беше номиниран за Еми за истата серија, а конечно ја доби наградата во 1984 во мини серијата „Фатална визија“.
Малден почина во својот дом, од природни причини, по неколку години нарушено здравје, изјави неговата ќерка Мила Дернер. Цели 70 години беше оженет со актерката Мона Греам, еден од најдолгите бракови во историјата на Холивуд.
Тој во Холивуд беше познат и по тоа што и покрај неговиот физички изглед, беше една од најценетите ѕвезди. За својот познат нос кој го ’заработи’ играјќи фудбал и кошарка, рече дека е „единствениот актер во Холивуд чиј нос го квалификува за инвалидско паркинг место“.

Карл Малден е роден како Младен Секуловиќ, но заради кариерата го американизираше своето име.
Во богатата кариера сними над 50 филмови, меѓу кои и „Патон“, „Бејби Дол“, „Едноокиот Џек“ и многу други.
2.07.2009



























