
На вонредна конференција Иво Санадер, премиер и претседател на ХДЗ изјави дека заради лични причини поднесува оставка од сите функции и дека нема да се кандидира на следните претседателски избори.
Иво Санадер денеска поднесе оставка на функцијата хрватски премиер и претседател на владејачката партија ХДЗ. Тој потврди дека за својата одлука го известил претседателот Месиќ, а за сето се консултирал со водството на партијата и коалициските партнери. Според него, сите прифатиле негов наследник да биде Јадранка Косор.
„Поради лични причини давам оставка на местото премиер и претседател на партијата. Нема да се кандидирам за претседател на Хрватска”, рече Санадер на вонредната конференција за новинарите.
„Ќе предложиме претседателка на Владата да биде Јадранка Косор, за тоа имаме над 80 потписи од коалиционите партнери”, најави Санадер, кој сепак не отпиша евентуално враќање во политиката во иднина.
„Не сум болен и нема да прифатам должност во некоја од европските институции, иако имаше и такви понуди”, рече Санадер, но причините за својата оставка, сепак не сакаше сосема да ги разјасни
На прашање дали оставката не е бегање од бродот што тоне, Санадер рече дека пред проблемите и предизвиците никогаш не бегал.
„Во животот постојат моменти за нови почетоци. Јас заклучив дека таков момент дојде и за мене. Јас моето си го отслужив. Си одам задоволен бидејќи стратешките земји се остварени: Ја кренавме Хрватска и на внатрешен и на надворешен план. Тоа ни го потврдија и гласачите на минатите избори“, рече Санадер нагласувајќи дека е горд на резултатите од својата влада.
1.07.2009

































