
Манчестер Јунајтед го направи првиот трансфер за оваа сезона, купувајќи го крилниот играч Валенсија од Виган.
Црвените Ѓаволи започнаа со градењето на новиот тим за следната сезона, со купувањето на Антонио Валенсија од тимот на Виган.
23 годишниот играч потпиша четири годишен договор со Манчестер Јунајтед чија вредност не беше соопштена, а од Виган изјавија дека овој трансфер бил нов тимски рекорд. Според некои медиуми од Островот се работи за цена од 18 милиони фунти.
Менаџерот на Јунајтед, Алекс Фергусон е задоволен што конечно го добил потписот на овој играч изјавувајќи за официјалната страна на тимот, „Антонио е играч кои го привлече нашето внимание и го следевме последниве две години додека играше за Виган во Премиер Лигата. Сигурен сум дека со неговата игра и способност ќе придонесе за тимот.“
И самиот играч е многу задоволен од овој трансфер и од фактот што ќе игра пред повеќе публика покрај големи фудбалски имиња.
„Потпишувањето за Манчестер за мене е остварување на сонот. Задоволен сум од времето поминато во Виган, но сега сум тука за поголеми остварувања,“ рече тој.
„Играјќи пред 76000 гледачи заедно со Вејн Руни, Рио Фердинанд и Рајан Гигс ќе биде одлично искуство, со нетрпение очекувам да почнам.“
Наум Баварец/Таратур
1.07.2009




























