
Се случи чудо! Откако е пронајдено дел од телото на јеменскиот авион кој се сруши кај Коморските острови, спасувачките екипи од морето извадија петгодишно дете кое во него поминало осум часа.
Јеменските власти потврдија дека спасувачките екипи во водите на Индискиот океан пронајдоа преживеан патник од авионот на јеменскиот државен авиопревозник Јеменија ер што денеска во раните утрински часови се урна во близина на Коморскиот архипелаг.
Претставник на „Јеменија ер“ соопшти дека засега не се познати националноста и полот на спасениот патник. Се знае само дека детето имало пет години.
„Уште не ја знаеме националноста ниту полот на личноста што е спасена. Само слушнавме дека едно лице е спасено“, изјави за Ројтерс еден од шефовите на спасувачката служба.
Спасувачките екипи претходно ги лоцираа остатоците на авионот, а успеаја да извадат тела на неколкумина од 147-та патници и 11-те членови на екипажот на авионот.

Патничкиот авион Ербас А330 на Јеменија Ер кој беше на пат од јеменскиот главен град Сана кон Париз исчезна 15 минути пред планираното слетување во градот Морони на Коморските острови, околу 5 до 10 километри од брегот.

Ова е втор Ербас кој се сруши месецов. На 1 јуни се сруши Ербас А 330 на Ер Франс со 228 патници над Атлантикот. Причината за несреќата се уште не е позната.
30.06.2009

































