
Во најреспектираниот меинстрим туристички медиум - во додатокот за патување на весникот ’Њујорк тајмс’, објавен е прилог за првиот спот ’Македонија вечна’ во режија на Милчо Манчевски.
Автор на фотографијата е Марко Георгиев.
Прилогот зборува за снимањето на самиот спот и под наслов ’Зошто патуваме’ цитира изјави од Вил Розентал, њујорчанец кој го посетил снимањето на Милчо Манчевски.
Розентал вели за Македонија дека е фасцинантна култура. „Се чини дека секоја важна цивилизација оставила трага тука. Ова е многу повозбудливо од Западна Европа. Богато е, комплицирано и поседува вистинска груба убавина.“
’Њујорк тајмс’ ја третира Македонија како новооткриена дестинација за туристички патување, и на прилогот му посветува огромен простор - повеќе од половина страна од големиот вечерен формат на весникот, во неделното печатено издание.
Ова е еден од богатите дополнителни ефекти на спотот “Македонија вечна”. Пролетва реномираниот туристички водич “Брад” објави мошне афирмативен текст за Македонија и за спотот нарекувајќи го “Величествената реклама која конечно ја поставува Македонија како рамноправна меѓу многуте други одлични реклами за топ туристички дестинации”.
Минатиот месец спотот освои награда за најдобар спот на Меѓународниот фестивал на туристички филмови и спотови во Полска.
30.06.2009

































