
Новите фотографии од површината на Марс сугерираат дека Црвената планета пред неколку милијарди години имала многу езера на својата површина, со што дополнително се поткрепуваат доказите дека Марс имал водено минато.
Фотографиите ги сними Reconnaissance Orbiter од НАСА, а на нив се гледа кањон долг 45 километри, за кој научниците веруваат дека многу одамна бил целиот исполнет со вода, а се видливи остатоци од плажа покрај празното корито.
Езерото е наречено Shalbatana, по долината во која се наоѓа, а новото откритие е објавено во најновото издание на магазинот Geophysical Research Letters.
Главниот истражувач Гаетано Ди Ачиле, од универзитетот Колорадо во САД, процени дека езерото се формирало пред 3.4 милијарди години, во ладната и сува ера на Марс. ’Езерото најверојатно или испарило или замрзнало“, вели Ди Ачиле.
И покрај научната атрактивност, ќе биде тешко засега подетално да се проучува езерото и да се прати роботизирана експедиција.
„Нема да биде лесно да се приземјиме кај езерото. Но, во иднина, тоа дефинитивно ќе биде едно од местата каде што можеме да бараме присуство на живот“, вели Ди Ачиле.
19.06.2009

































