
Гитарски идол е британско онлајн шоу кое има за цел да пронајде неафирмирани таленти за гитара и од нив да направи големи ѕвезди. Избирањето оди низ три фази, во кое учествуваат илијадници таленти од целиот свет, за на крај да останат само 12, а еден од нив е Македонец.
Финалето на овогодинешниот Гитарски идол ќе се одржи на 13 јуни во Лондон, а меѓу финалистите е и охриѓанецот, Дамјан Пејчиноски. Тој е првиот Македонец кој учествува на ова шоу и заслужува поддршка од цела нација. Можете онлајн да гласате за него в сабота од 10 до 13 часот, само доколку претходно сте регистрирани.
24-годишниот Дамјан од шест години свири на гитара. Како дете одел на приватни часови по хармонија и солфеж, а високото образование го стекна на музичката академија во Софија. По завршувањето на академијата Дамјан се запиша на постдипломски студии, а до крај го дели уште само еден испит.
Во 2002 година со својата група Ворнинг настапи на Рок-фест во Скопје, каде што ја доби наградата за најдобар гитарист на фестивалот и доби гитара Јамаха од неговиот идол, Влатко Стeфановски.

Иако неговиот талент се уште не е откриен во нашата држава, жирито на Гитарскиот идол го направи тоа со оглед на фактот дека е избран меѓу најдобрите 12 неафирмирани гитаристи во светот.
Дел од финалистите се избирани со гласови од публика, а дел се избирани како избор на жирито. Бидејќи гласачкото тело на Дамјан не е толку големо, тој во финалето влезе со карта добиена од жирито.
Дамјан е класична македонска приказна. Неговата група во Македонија неколкупати била одбивана на фестивалите со објаснување дека не се доволно афирмирани.
Сепак, со новите интернет можности, меѓу кои и видео порталот ЈуТјуб, Дамјан Пејчиноски се промовираше квалитетно и тоа во светски рамки.
Во финалето ќе се претстави со неговата композиција, Give me the groove, со која и го избраа за влез во финалето. Во финалето победникот ќе го одлучува жирито.
Наум Баварец/Таратур
11.06.2009

































