
Роже Федерер во солзи го подигна пехарот во Париз како само шести тенисер во историјата со сите четири Грен Слем титули. „Ти си за мене најголемиот играч во историјата!“, му рече поразениот Робин Содерлинг.
Роже Федерер до најпосакуваниот трофеј стигна полесно од очекувањата. Швајцарецот во финалето го совлада Швеѓанецот Робин Содерлинг со 6:1, 7:6 (1), 6:4 за само час и 55 минути, а на моменти се чинеше дека повеќе се бори со емоциите отколку со противникот.

Не е чудно, ако се знае дека тоа беше последниот од најголемите предизвици во една кариера полна со рекорди. Пред него сите четири Грен Слема ги освоија само Британецот Фред Пери, Американците Доналд Баџ и Андре Агаси и Австралијците Род Лавер и Рој Емерсон.
Со триумфот во Париз, каде во последниве три години секој пат губеше во финалето од Рафаел Надал, Федерер стигна до својот 14 Грен Слем во кариерата со што се израмни на врвот на листата на сите времиња со Пит Сампрас.
7.06.2009






















