
Една од битните одлики на македонското транзиционо општество е масовната партизацијата на јавната администрација, успехот врз основа на партиската припадност, како и градењето на амбиции врз основа на политичка послушност наместо врз сопствените квалитети.
Можеме да спориме која политичка провиниенција партизира повеќе, која помалку...но партизација постои, и истата има метастазирано во сите пори на македонското општество.
Како доаѓа до таквата масовна партизација на нашиот живот..?
Па едноставно политиката се уште раководи со економијата, наместо да биде обратно. Се уште државата е најголемиот работодавец, а тоа значи дека политичарите се најсигурната „кадровска комисија“ која располага со најмногу ресурси, и најмногу простор за отворање на нови работни места.
Се додека приватниот капитал нема апсолутна доминација врз сите општествени процеси, се додека политиката го има главниот збор во економијата, се додека политичарите „спроведуваат политички програми“...се дотогаш ќе успеваат климоглавци, полтрони, патриски послушници и останати „транзициони стаорци“.
Кога приватниот капитал ќе има апсолутна доминација врз општеството, тогаш ќе успеваат луѓето кои се способни истиот да го милтиплицираат, тогаш ќе успеваат најспособните, најпаметните и најквалитетните кадри, без разлика на нивната политичка провиниенција, националност, вероисповест, пол или боја на кожа.
Само со приватниот капитал како неприкосновена вредност во нашето општество, и само со борба за успех на пазарот (домашен и меѓународен) можеме да очекуваме нашите најквалитетни кадри да остануваат овде, а не да бегаат на запад.
Што да се прави ..?
Две децении наназад, државниот буџет најмногу служи или за политички привилегии, или како гаранција за нечии општествен статус, за тендери, социјални подароци, како и за еден куп економски експериментирања од кои најголемиот дел се неуспешни. Сите политички гарнитури во своите мандати го зголемуваат државниот буџет, на тој начин одземајки од нас се повеќе и повеќе пари, вработувајки се повеќе и повеќе партиски кадри, организирајки се повеќе и повеќе тендери, давајки се повеќе и повеќе социјални подароци.
За ситуацијата драстично да се промени, потребно е и драстично намалување на државниот буџет, како и драстично намалување на сите давачки со кои ја финансираме државата (односно политичарите). Потребно е да се поддржат оние политичари кои ќе одземаат од нас што е можно помалку пари, така што на сите животот би ни станал поевтин, а производите од нашиот труд би станале поконкуретни на пазарот.
Само со такво фискално растеретување на приватниот капитал, можеме да се надеваме на негов пораст и отворање на нови работни места. Според мене, буџетот на РМ, од сегашните 2,8 милијарди евра би требало да се намали на 900 милиони, односно повеќе од три пати. Тоа би значело повеќе од три пати намалени даноци кон државата, неспоредливо поконкуретно производство на странските пазари, поголемо и позабрзано привлекување на странски инвеститори, како и поголема можност за започнување на сопствен бизнис за сите наши граѓани.
Тоа е капитализмот на дело!
Тоа е најсигурниот начин со кој трудот на просечниот македонец ќе стане побаран и поскап, тоа е најсигурниот начин на кој нашиот животен стандард би пораснал врз основа на нашата способност, а не врз основа на политичка емпатија.
На крајот, тоа е најкраткиот пат до деполитизација и департизација на нашето општество.
Авторот е уредник на блогот capitalism.blog.com.mk























