
| Пишува: Александар Авукатов |
На последниве претседателски избори, Љубе Бошкоски го најави своето враќање на политичката сцена. После многу шпекулации, реши да настапи самостојно, дистанцирајќи се од ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-НП, со кои многу го поврзуваа (ВМРО-ДПМНЕ му е матична партија, а со ВМРО-НП работеше овие избори).
Многу политички аналитичари овој период говорат за тоа дали Бошкоски ќе може да се наметне на политичката сцена и да “земе парче од политичкиот колач” во Македонија??!
Иако изминатиов период главното медиумски внимание е насочено кон враќањето на Бранко Црвенковски како Претседател на СДСМ, сепак има одредени сигнали и настани кои се доволни да се добие уште некое делче од мозаикот.
Ќе почнам со наведување на позитивните и негативните позиции и факти околу новата партија на Брат Љубе.
Позитивни:
Успешниот настап на Љубе Бошковски на овие Претседателски избори, на кои Бошковски освои близу 150.000 гласови, со кои сериозно се наметна на политичката сцена.
Поволната медиумска клима за него, пред се од страна на медиумите блиски до СДСМ. Очигледно е дека за време на изборите, но и по нив, СДСМ во Бошковски го видоа идеалниот тројанец со кои можат да го разјадат гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ. Денес, Љубе Бошковски за било која негова активност има резервирана медиумска покриеност од неколку телевизии и весници чија наклонетост (до степен на навивачка група) ни е позната.
Флексибилноста во ставовите и идеологијата е дефинитивно нешто што му оди во прилог на Бошкоски на овие две основи. На првата основа, Бошкоски играше многу за време на изборната кампања, каде имаше идентични ставови со кандидатот на СДСМ Фрчкоски.
На идеолошката основа, Бошковски го искористи идеолошкото непознавање на граѓаните (или негрижа), за тој да се позиционира и самопрогласи како десен политичар, според ставовите кој ги кажа, БЕШЕ ПОЛЕВ ОД ЛЕВИТЕ. (за ова подолу кај негативностите).
Јасниот таргет – Како никогаш досега, Бошковски има јасен таргет на лица кои би ги гледал како гласачко тело – независните гласачи и незадоволните гласачи и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку се анализираат 150.000 гласови, и доколку се одземат близу 25.000 гласа на ВМРО-НП (земено според бројот на гласови кој оваа партија го освои на советничките листи) и се споредат со претходниот изборен циклус, повеќе од јасно е дека Бошковски има присвоено од 40.000 – 60.000 гласови од ВМРО-ДПМНЕ. Ова дефинитивно е показател дека има голем маневарски простор и таргет во оваа популација, покрај стандардните неопределени.
Негативни позиции и показатели:
Време на позиционирање – Дента кога Бошковски го најави формирањето на партијата, прв кој што отворено се спротивстави на тоа е неговиот советник од изборниот штаб, професорот Јове Кекеновски.
Според него, партиите се формираат непосредно пред избори, со цел да се мобилизираат и да се искористат сите потенцијали. Со формирање на политичка партија во период кога нема изборен циклус (регуларен) во наредните 3,5 години, тогаш е речиси невозможно да се одржи нивото на мобилизираност во партија која е надвор од сите институции на власта (централна и локална), преку кој би можела да ги артикулира своите ставови за општествените прашања и со тоа дополнително да се позиционира на политичката сцена.
Идеолошката недоследност – Она што како корисност погоре му беше наведено, а тоа е флексибилноста во ставовите, дефинитивно може да биде и голем хендикеп. Читајќи ја изборната програма на Бошковски, увидов дека тоа не е типична програма, туку проширен памфлет, во која и немаше некоја конкретна идеја, туку повеќе беше со некој општи претстави и без некој конкретни посочувања за тоа како да се остварат саканите цели (најчесто брз влез во НАТО и ЕУ, како и спорот со името). Истата е доста лична, со многу народни елементи и национални елементи и бои.
Од ова многу корист немав во насока на некоја посериозна анализа, па затоа преостанува идеолошка припадност на Бошковски да се утврдува од неговите изјави, каде преовладуваа популистички пораки, без конкретни програми и мерки.
За оние малкубројни изјави на Бошковски, каде беше конкретен и концизен, тој настапи како типичен левичар или либерал (центар), пред се за прашањата за хомосексуални бракови, изградбата на црквата на плоштад, одредени економски решенија (каде сите решенија на Бошкоски беа базирани исклучиво на државен интервенционизам), па и за проблемот со името.
Ова дефинитивно е шанса за останатите партии од десниот блок, кои можат ова да го искористат во нивна корист.
Кадар и капацитет – ова е прашање со кое Бошкоски ќе се судри многу брзо. Со цел да имате соодветна програма и што да понудите, тоа треба да го правите со тимот околу вас. Читајќи ги медиумите на оваа тема и нивните шпекулации (за жал тоа е единствениот извор сега за сега), најчесто во игра се веќе видени и истрошени лица, некој од нив и жестоки критичари на оваа власт, честопати и форсирани како ЕКСПЕРТИ во анализите на медиуми блиски до СДСМ, а некој и редовни колумнисти. Навистина ќе биде интересен развојот на настаните околу враќањето на Бошкоски на политичката сцена, пред се како тој ќе успее да се вклопи во овие прилики.
Дали Кекеновски е во право за предолгиот изборен пост, или пак медиумите на СДСМ ќе успеат да го одржат Бошкоски актуелен?
Дали Бошкоски ќе успее да повлече нови луѓе со свежи идеи околу себе, или пак е осуден да работи со старите истрошени кадри (оваа е дилема која важи и за Бранко Црвенковски и ситуацијата во која се наоѓа)?
Според мене, сега главната одлука е во ВМРО-ДПМНЕ, со тоа дали ќе успеат да излезат во пресрет и дадат одговор на пораката која им беше испратена за време на овие избори од страна на оние 50-тина илјади гласови и дали ќе дозволи истите да бидат “лесна мета“ за Бошкоски и неговата партија.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ успее да ги убеди да не преминат во јатото на Бошкоски, тогаш неговиот таргет и маневарски простор ќе биде драстично намален, со кој максимумот на кој би можел да се надева е натпревар за 100000 гласови кои би ги делел со ВМРО-НП.
Авторот е дипломиран политиколог и сопственик на блогот: konzervativ.blog.com.mk.
18.05.2009





























