
Македонскиот сон продолжува! Нашите најдобри ракометари по одличниот меч и победата против Полска, и скандалозниот пораз од судиите против Германија, направија уште еден фасцинантен подвиг совладувајќи ја Русија со 36:30.
Македонците дефинитивно се хит на Светското првенство во Хрватска. Повторно понесени од феноменалната публика во салата во Вараждин, нашите ракометари докажаа дека поседуваат квалитет, како и дека имаат огромна желба, страст и мотив во носењето на македонскиот дрес. Се пласиравме меѓу 12 најдобри во светот!

На почетокот на средбата Русија имаше водство, на моменти и со три гола разлика, но на средината на првиот дел го направивме и првиот пресврт, за на полувреме да заминеме со предност од 15:14.
Во вториот дел македонската машинерија почна да меле, откако сите погледи беа насочени кон нашиот капитен Лазаров (13 гола), се разигра Наумче Мојсоски (9) кој беше прогласен за играч на натпреварот, и стигнавме до предност од седум гола, предност што рутински ја зачувавме до крајот на средбата.
Борко Ристовски овој пат беше непремостлива пречка на нашиот гол, а во клучните мигови се истакна и крилото Темелков. Дефинитивно целиот македонски состав заслужи десетка!
Кај Русите Игропуло постигна 13 гола.
Македонските ракометари изборија настап во Задар, каде ќе се борат за полуфинале, а во следната фаза влегуваме со 2 бода, Германија по победата над Полска ќе има четири бода, додека Полјаците ќе влезат без бодови.
Прес по средбата
Илија Темелковски:
„Ако бев среќен по победата над Полска, тогаш сега сум пресреќен. И донесовме голема среќа на нашата земја и сакам особено да им заблагодарам на нашите навивачи кои не бодреа од трибините.“
Јури Кидиаев (помошник селектор на Русија):
„И честитам на Македонија на големата победа. Заслужено дојдоа до бодовите кои им обезбедија пласман во вториот круг и им посакувам многу успеси во продолжение на првенството“.
22.01.2009






















