logo
Објавено на Таратур (http://www.taratur.com)

Почетоците на Новата Година

Пишува: м-р Драган Зајковски
Ако денес некого прашате кога почнува Новата Година ќе добиете единствен одговор: на 1 јануари. Меѓутоа низ историјата не секогаш 1 јануари се земал како почеток на Новата Година. Во средниот век има повеќе датуми (стилови) со кои почнувала годината. Шест од нив биле во најчеста употреба. 1.Stilus Circumcisionis – 1-ви јануари Тоа е денешниот стил според кој годината започнува на 1-ви јануари. Како зачетник на овој стил се смета римскиот опат Дионисие Мали кој во 525 г. во своето дело „Liber de paschale” (Книга за пасхите) се обидел да ја пресмета годината кога се родил Исус Христос. Тој се смета за автор на христијанската ера која е денес во употреба. Како почеток на првата година од христијанската ера, Дионисие го зел 1-ви јануари 754 г. според Ab urbe Condita (Варонова ера). Иако, Папската курија уште во 532 г. ја признала оваа ера, сепак, долго време се противела 1-ви јануари да се слави како почеток на Новата Година. Меѓутоа, со текот на времето, Римокатоличката црква го прифаќа 1-ви јануари како почеток на Новата Година со тоа што му дала религиозен белег – на тој ден почнала да го празнува обрезувањето Христово (Circumcisio Domini). Во 1691 г. Ватикан го воведува Stilus Circumcisionis за официјален почеток на Новата Година во целиот тогашен римокатолички свет. 2.Византиски стил – 1-ви септември Според овој стил Новата Година започнувала на 1-ви септември. Тој бил во употреба не само во Византија, туку и во сите земји под нејзино влијание. Почетоците на употребата на овој стил најрано се датираат во VII век, во Византија, каде што и останала во употреба се до паѓањето на Константинопол (Цариград) под османлиска власт во 1453 година. Во Русија, пак, византискиот стил останал да се употребува се до 1700 година. 3.Stilus Incarnionis – 25-ти март Според овој стил за почеток на новата година се земал 25-ти март, ден кога Црквата го празнувала празникот Благовештение. Овој стил бил во употреба во италијанските градови, во Шпанија, Полска, Ирска, Германија и Англија. Веќе во 1750 г. овој стил бил наполно напуштен. 4.Stilus Nativitatis – 25-ти декември Според овој стил Новата година започнувала на Божик, т.е. на 25-ти декември. Овој стил бил раширен во средниот век. 5.Stilus Galicus - Велигден Според овој стил како почеток на Новата Година се земал празникот Велигден. Истиот бил во употреба во Франција од XI век па се до 1563 година. 6. Stilus Venecijanis или Mos Venetus – 1-ви март Според овој стил Новата Година почнувала на 1-ви март. Тој се употребувал во Франција од VI до VIII век, во Русија до XIII век, а, пак, во Венеција до пропаста на Републиката во 1797 година. Освен овие стилови, во антиката и средниот век, постоеле и други датуми за почеток на новата година. Па така, Новата Година, според селеукидската ера почнувала на 1-ви октомври, според александриската и диоклецијановата ера на 29 –ти август, според олимписката ера на 1-ви јули, според Ab Urbe Condita (римска или Варонова ера) на 21-ви април, а, пак, според еврејската ера на 7-ми октомври. Денес, пак, речиси во целиот свет е прифатен Stilus Circumcisionis и 1ви јануари како почеток на новата година.
Авторот е сопственик на блогот: kibicer.blog.com.mk/ [1].

Податоците доаѓаат од:
http://www.taratur.com/node/7077