logo
Објавено на Таратур (http://www.taratur.com)

За Бучковски 3,5 години затвор

Поранешниот министер за одбрана и поранешен премиер, Владо Бучковски, како и поранешниот началник на Генералштабот на АРМ Методи Стамболиски, денеска се осудени на 3,5 години затвор. Основниот суд Скопје 1 го прогласи за виновен експремиерот и поранешен министер за одбрана Владо Бучковски за злоупотреба на својата положба и функција за случајот „Делови за армиски тенкови“ и му одреди казна затвор од 3,5 години. Обвинителството го товареше Бучковски заедно со генералот Стамболиски, директорот на МЗТ ФОП Петковски и вработените во одбраната, Ѓурчевски и Менкиновски, дека со резервните делови го оштетиле буџетот за над 2,4 милиони евра. Останатите двајца обвинети за случајот „Резервни тенковски делови“, Ацо Ѓурчевски и Нелко Менкиновски добија казна затвор од три години. Бучковски – Пресудата е скандалозна! „Одлуката најблаго речено е скандалозна. Ние правната битка ја добивме во судницата... Во изминатите 13 месеци во целост докажавме дека јас и другите обвинети сме невини. Но очигледно, коректноста на судијата беше скршена во последните неколку денови“, изјави Владо Бучковски. Тој изрази жалење што државата пропуштила добра шанса да покаже дека судството е независно, пренесува Макфакс. „Оваа судска одлука докажа дека пресудите се носат надвор од судот“, изјави Бучковски по објавувањето на пресудите. И поранешниот началник на Генералштабот Методи Стамболиски рече дека пресудата е донесена надвор од судот. „Ова е само уште еден доказ колку судот е независен и колку политиката влијае врз него. Однапред се знаеше дека оваа одлука ќе биде ваква, меѓутоа се надевам дека постојат други истанци на кои ќе докажеме кој бил, а кој не бил во право“, рече Стамболиски.

Податоците доаѓаат од:
http://www.taratur.com/node/6724