
Пишува: д-р Ана Стојаноска, театролог
Во последно време се повеќе се слуша за терминот ГМО или Генетски модифицирани организми. Или пак, генетски модифицирана храна. Термините кои звучат како да се извадени од лексиката на научната фантастика, едноставно се нашето секојдневие. Зголемената потреба од храна и тоа на се понаселената планета Земја, ги предизвикала научниците да посегнат по нови истражувања, како и на кој начин да се совлада проблемот.
И се би било идеално, совршено, се додека не било откриено дека мешањето на гените не е без последици и дека резултатите не се само позитивни. Истражувањата поврзани со гентски модифицираните организми не се се уште завршени и за жал, се уште не сме во состојба да ги согледаме последиците.
Основата на сите научните истражувања е во тоа да се провери секој експеримент и истиот да помине низ повеќе компаративни истражувања. Со дополнителните истражувања и проверки, добиениот резултат може да биде верифициран и ставен во секојдневна употреба.
(Фото: Ана Стојаноска)
Проблемот со генетски модифицираните организми е што истите не се доистражени и што преголемата потреба, а исто така и преголемата желба за заработка си го направи своето. ГМО сега се внесува како нешто нормално и секодневно. Повеќето земји од Европската унија се спротиставуваат на агресивната американска политика за внесување на ГМО во секојдневната употреба. Нивните настојувања се концентрирани да овозможат да стои на декларацијата на производот дали е генетски модифициран или пак обратно, е од органско потекло.
Во Македонија се донесе закон според кој на храната не треба да стои нејзиното генетско потекло. Ние на овој начин сме дел од експериментот, ако сакате тоа така да го наречеме. Значи, за разлика од другите земји во Европа и пошироко, кои на производите доколку ги произведуваат, или пак увезуваат, треба да има видлива, транспарентна ознака дека се генетски модифицирани, кај нас истите ќе бидат дел од секојдневната употреба, без да се води сметка за заштита на потрошувачите.
И тука доаѓам до она што е предмет на оваа моја размисла. За жал, кај нас, никој не изреагира против донесесувањето на еден ваков, погубен за здравјето закон. Добро, кај нас никој не се буни за ништо. Освен неколку акции на одреден тип организации кои се занимаваат со еколошката свесност, никој не најде за сходно да се јави за јавна расправа за законот или слични законски можни мерки.
Мене она што најмногу ме вади од такт е тоа што не се зборува за тоа, не се даваат предностите или негативностите, не се информираат луѓето, дека не е се така нормално како што ни се чини. Никој не протестира против ГМО! Дури се наметнува мислење, што е општоприфатено, дека нема последици од употребата на ГМ храната, посебно не негативни. Како намерно да се форсира менталитет што ќе биде послушен и нема да размислува. Така е најлесно. Дури и преедноставно за мој вкус.
Генетски модифицирана храна е храна добиена со генетски инжинеринг, во која се подобрува отпорноста на храната кон болести, штетници и сл. Истата се прави со мешање на гени од различни организми, па може да се случи да се измешаат гени од растенија и животни, на пример, за да се зголеми приносот. Тоа мешање прави експлозија во нормалната генетска структура на организмот. Освен што подобрува одреден аспект, не е познато како влијае на останатите процеси. Исто така, нејзината употреба е масовизирана, па почнува да се вклучува од исхраната на новороденчињата, па се понатаму.
Кога одредени луѓе кои работеле на овие експерименти, повикале и на негативните последици истите биле замолчени. Причината е во парите, или во материјалната придобивка на големите компании, како што е на пример една од најагресивните, ќе ја најдете под името Монсанто. Монсанто е компанија која е виновна за огромен број невработени земјоделци во земјите од таканаречниот Трет Свет. Нивното мешање во внатрешната политика придонесе да се внесува генетски модифицираната храна како единствена можност за решавањето на проблемите со исхраната во тие земји.
Не ми лежат теории на заговор, не сакам да сум дел од одредени конструкции, само би сакала да замолам за малку активирање. Не е толку невино внесувањето на генетски модифицираните организми во секојдневната исхрана. Со нејзиното внесување во организмот настанува промена на генетската структура со последици што не се се уште до крај познати. Затоа можам само да предложам - Информирајте се и побунете се!