По усвоената резолуција од македонското Собрание, Владата доцна синоќа донесе одлука да ја признае независноста на Косово. Признавањето е во координација со Црна Гора, која исто така ја призна новата балканска држава.
Во заедничката изјава на двете влади се истакнува дека одлуката за признавање на Косово од страна на Македонија, како земја со кандидатски статус за членство во ЕУ, и Црна Гора, како земја-потенцијален кандидат за членство во ЕУ, е резултат на исцрпна политичка проценка и се темели на заклучоците усвоени од страна на Советот за општи работи и за надворешни работи на ЕУ од 12 февруари 2007 и 18 февруари 2008, како и на Европскиот совет од 14 декември 2007.
Одлуката за признавањето на независноста на Косово од страна на Македонија, на прес конференција, ја соопшти шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.
„Владата, по усвоената Резолуција во Собранието со едно огромно мнозинство, по однос на признавањето на независноста на Косово, расправаше по таа тема како последна точка од дневниот ред на денешната седница и донесе одлука да ја признае самостојноста и сувереноста на Косово“, рече Милошоски.
Тој додаде дека оваа одлука Македонија ја носи во духот на сите претходни одлуки во изминатите 17 години, кога станува збор за регионот, а водејќи се пред сè од принципите на добрососедство, регионална соработка, стабилност во регионот и унапредување на можностите за меѓусебна комуникација.
„Ова е важна одлука која ја донесовме во ист ден кога и Владата на Црна Гора донесе ваква одлука и нашата меѓусебна комуникација со Црна Гора резултираше и со заедничка изјава по однос на признавањето на независноста на Косово“, рече Милошоски, како што пренесува Макфакс.
Според Милошоски, ваквиот чекор ќе има позитивен ефект по однос на регионалниот развој на настаните.
„Овој чекор не е насочен против трета држава и очекуваме истиот да биде разбран од страна на официјален Белград, иако цениме дека нивната позиција во однос на ова прашање се разликува драстично во поглед на позициите кои ги имаат досега 50 држави од Европа и светот“, рече шефот на македонската дипломатија.
Тој додаде дека Македонија има богата културна, историска, економска и трговска соработка со Србија, со надеж дека ќе се задржи високото ниво на соработка.
Во однос на воспоставувањето на дипломатски односи со Косово, Милошоски најави дека тоа ќе се случи наскоро.
Запрашан под кое име ќе биде потпишан договорот меѓу двете држави, шефот на македонската дипломатија изрази уверување дека тоа ќе биде под уставното име.
На признавањето му претходеше собраниска расправа, на која пратениците расправаа по предлог резолуцијата за признавање на независноста на Косово, поднесена од страна на пратеничките групи на ДУИ и ДПА.
Нешто пред 20 часот вечерва Косово го призна и Црна Гора, чиј што шеф на дипломатијата Милан Роќен веднаш по донесувањето на одлуката, појасни дека признавањето е направено „во согласност со македонската Влада“.
Македонија е 50 земја која го призна Косово, кое прогласи независност на 17-ти февруари годинава.
Српската влада експресно одлучи да ги повлече своите амбасадори од Подгорица и Скопје поради признавањето на независноста на Косово.
Според одлуката на српската влада, со ова признавање се крши територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, и тие ќе работат на планот за зачување на својата територија, пренесува новинската агенција ИНА.
10.10.2008