logo
Објавено на Таратур (http://www.taratur.com)

Кина ги шпиунира пораките на Скајп

Кина не само што ги надгледува и цензурира пораките кои корисниците ги разменуваат преку Скајп, туку и ги задржува во база на податоци која е достапна за јавноста. На овој начин се откриваат и лични податоци на корисниците на ваквите услуги. Канадската истражувачка група Citizen Lab откри база податоци која содржи илјадници „политички чувствителни“ пораки, како на пример ’демократија’, кои Кина ги блокира при праќање преку програмата Скајп, објави денеска Би-Би-Си. Датотеката која ја откри канадската истражувачка група исто така содржа и лични податоци за корисниците. Од Скајп велат дека секогаш биле отворени и јасни за тоа дека нивните кинески партнери Том Онлајн ги проверуваат испратените податоци и дека вршат цензура, но дека овој пат безбедноста и приватноста на претплатниците се доведени во прашање.
Датотеката, која ја откри Citizen Lab, содржи над 150.000 пораки, во кои има зборови како „демократија' и „Тибет“, како и фрази во врска со забранетото духовно движење Фалун Гонг. Претседателот на Скајп, Џос Силвермен рече дека кинеската цензура е „општо позната“ и дека кинеските власти утврдиле процедура според локалните закони. Силвермен рече дека Кина досега ги блокирала и бришела пораките со „одредени офанзивни“ содржини, но дека покренал истрага за да дознае зошто се променети правилата и зошто сега ги чуваат и меморираат ваквите пораки. „Пораките, заедно со околу еден милион снимки, кои содржат приватни информации, се зачувани на небезбедно јавно достапно интернет место“, соопштија од Ситизен Лаб. Кинеските власти веќе долго време ги спречуваат граѓаните да имаат пристап до сајтовите кои сметаат дека се „политички чувствителни“, а организациите кои се борат за човекови права ги критикуваат западните интернет гиганти како што се Гугл, Микрософт и Јаху бидејќи ги почитуваат кинеските строги прописи.

Податоците доаѓаат од:
http://www.taratur.com/node/5463