Конечната верзија од предлогот на медијаторот Метју Нимиц за компромисно име, која ќе биде изнесена идната недела, ќе биде основата за референдумско гласање во Македонија.
Ова синоќа го јави телевизијата „А2“, прецизирајќи дека медијаторот Нимиц веќе го има изготвено предлогот, кој на 6 октомври во писмена форма во Њујорк ќе им го предаде на преговарачките страни.
Според најавите, премиерот Груевски веднаш на владина седница ќе ја разгледа понудата на посредникот на ОН, а потоа и лидерите на политичките партии детално ќе бидат запознаени со предлогот.
Тоа ќе биде основа за референдумско гласање и согласност од народот дали е прифатлив пакетот на посредникот, во замена за членството во НАТО, јавува „А2“.
Анонимен висок владин функционер за истиот извор изјави дека е убеден во позитивен исход од референдумското изјаснување.
Истите извори, ја отфрлаат можност дека со референдумот Македонија ќе ги испушти шансите за НАТО и дека не е исклучено во март или април следната година да се добие покана за почеток на преговорите со Европската Унија, како резултат на компромисот со Грција.