
Пишува: проф. д-р Билјана Ванковска
Онака како што делата на
Жил Верн се сметаат за пророчки и визионерски во полето на развојот на науката и техниката, така
Орвеловата „1984“ ги исполнува сите претпоставки од дистопиjа да се претвори во реалистичен опис на денешната политичка стварност.
Во ситуација на бескрајна воена состојба против терористите, кои станаа и внатрешен и надворешен непријател, се создаде плодна почва за општествена параноја и страв, кои во име на безбедноста доведуваат до доброволно откажување или редуцирање на човековите права и слободи.
Во контекст на голбалната војна против фантомскиот непријател, тероризмот, и во најразвиените демократии дојде до опасно зголемување на ингеренциите на безбедносните служби, кои во име на националната безбедност можат да вршат упад во приватноста на своите и/или на странските граѓани.
Залудни се апелите и опомените на организациите кои се занимаваат со заштита на човековите права: најчесто и самите граѓани на западните земји сметаат дека нема ништо лошо во тоа Големиот брат да ѕирка во нивните банковни сметки, на го следи нивното движење, комуникациите и сл.

Ако доскоро Орвеловата визија на светот дејствуваше како опомена за тоа какво општество не сакаме, денес се случува се почесто да се поставува тезата дека Големиот брат и не е така лоша работа. Како и да е, не само на учениците, туку и на сите други треба под итно да им се обезбеди Орвел како задолжителна лектира за подобро разбирање на секојдневието.
За оние кои не го прочитале Орвел, или веќе го подзаборавиле, само да потсетиме дека атрибутот „орвеловска“ нашироко е одомаќинет во политичките студии на тоталитаризмот. Тој се однесува на општествена ситуација во која државната контрола длабоко пенетрирала во приватноста на човекот, а државната кауза е таа која има примат над индивидуалната слобода и личната среќа.
Во Орвелијанското општество постои политика на целосна контрола која се остварува преку пропаганда, дезинформации или отсуство на информации, одрекување на вистината, манипулација со минатото, и можеби најважно - преку дејствувањето на тајната полиција, која е политички одговорна само пред лидерот.
Ако веќе е воспоставено општо уверување дека на почетокот на 21 век, како никогаш порано во историјата, доминираат демократски системи низ целиот свет, логично е да се постави прашањето: зошто е потребно ова потсетување?
Зарем не е вистина дека тоталитаризмот е минато, а дека авторитарните системи се сосема ретки? Или можеби е крајно време да се преиспитаат овие наметнати вистини?
Секој политички поредок, па и најдемократскиот, подразбира односи на хиерархија и субординација, на оние кои владеат и оние со кои се владее, и односи на дистрибуција на вредностите согласно критериуми формулирани од страна на владеачкиот слој, а кои се формулирани така за да бидат прифатени од мнозинството граѓани како праведни и легитимни, иако се најчесто неправични.
Всушност, критичарите на демократијата мислат дека таа е само неостварлив идеал (
Сартори), или најмалку лошиот облик на политичко уредување (
Черчил). Тајната на успехот на еден систем е во неговата легитимациска основа, односно во степенот во кој мнозинството доброволно и без отпор ќе го прифати истиот.
На секој владеачки слој на располагање му стојат два механизма на владеење: со присила (чиј степен и облик може да се разликува) и со пропаганда и уверување на граѓаните. Во практиката, сепак, најчесто се среќава комбинирање на двата метода.
Некои загрижувачки тенденции, кои датираат од моментот на отпочнувањето на глобалната војна против тероризмот, будат сомневања дека тоталитаризмот не само што не е дел од дамнешното темно минато на човештвото, туку дека е витален и сега пософистициран и потежок за распознавање.
Една од најмаркантните студии на овие појави во американското општество се поврзани со името на
Наоми Волф, која низ педантна анализа ги утврдува десетте ознаки или чекори кои водат кон нео-фашизам:
1. посочување на опасен внатрешен или надворешен непријател (во случајов, терористите и тероризмот)
2. создавање на гулази, места каде ќе се изолираат опасните елементи (како што е случајот со преките воени судови и затворот Гвантанамо)
3. јакнење на тајната полиција, и со технички средства и со човечки кадар, но и постоење на параполиција и растечки тренд на приватизација на безбедноста преку бројни приватни безбедносни агенции, приватни затвори и сл.
4. високо софистициран систем на надзор на информациите и комуникациите, со оправдување дека е тој нужен заради превенција на злосторствата и откривање на непријателите на системот;
5. замолчување на цивилното општество и гушење на слободата на граѓанско организирање;
6. арбитрерност во притворањето и во пуштањето на слобода;
7. таргетирање и демонизирање на (наводно) опасните индивидуи;
8. контрола над медиумите од страна на бизнис и политичките центри на моќ;
9. критичарите на системот се денунцираат како шпиуни, а опонентите на владеачката политика се етикетираат како предавници и
10. суспензија на владеењето на правото, односно право е само она што власта ќе го дефинира како право.
По елементите на ваквиот систем не мора да се трага во нивната целовитост и единство, но од витално значење е нивното откривање во раната фаза. Тоа е најважната домашна задача на секое демократско и отворено општество, бидејќи демократијата не е статична состојба, а уште помалку загарантирана.
Кога со ваква дијагностика се занимаваат академските умови и интелектуалците во развиените општества, дотолку поважно е слична анализа да постои во општествата во кои демократијата ниту има длабоки традиции, ниту успеа да пушти корени во фазата на т.н. транзиција.
Иако не така очигледна, сепак, може да се види и суштинска поврзаност меѓу она што се случува во некои од развиените демократии во криза (САД, првенствено) и нивните мали сојузници низ светот, кои американските примери ги копираат со ентузијазам, применувајќи ги на локалните услови и потреби.
Македонија најчесто ја перцепираме како држава во лимбо, ни на неби ни на земја, ниту во царството на демократијата, ниту сосема ослободена од прангите на авторитарноста. Таа е типичен пример на нелиберална демократија, што можеби и не е најлошата вест.
Според високиот рејтинг на владеjачката коалиција и нејзините лидери (иако во етнички поделеното општество), може да се утврди дека демократија постои, институциите се конституирани на избори со јасни резултати.
Уште поинтересно, за разлика од порано денес Македонија има институции во кои јавното мислење изразува солидна поддршка, што зборува за нивниот легитимитет.
Особено неспорен е легитимитетот на Парламентот, во кој владеачката коалиција ужива апсолутно мнозинство. Наместо ваквата ситуација да буди оптимизам дека кај граѓаните е вратена довербата во системот и лидерите, кај внимателните аналитичари јакне загриженоста, затоа што демократските елементи не се проследени со елементите на владеењето на правото. Затоа, сликата за перспективите на македонската демократија станува многу полоша со откривањето на тенденцијата на јакнење на орвеловските елементи.
Наместо терористите (веројатно затоа што во сегашната колаиција на власт тој збор се смета за политички непожелен) нашиот главен внатрешен непријател е фантомската корупција и организираниот криминал (кои се откриваат во сите пори на општеството, освен во неговиот врв).
А како за надворешен непријател доволна е и помошта што власта ја добива од јужниот сосед. Механизмот на владеење се медиумските кампањи, во кои има ред субвенции и дотации (моркови), дел закани со драконски казни (стапот), што треба кај народот да остави впечаток дека е тоа власт која е во исто време и строга и правична.
Токму по мерка на оние кои одамна пекаат дека на оваа држава само цврста рака и недостасува, и дека не е демократијата за овој народ...
Веќе трета година, ТВ и радио приемниците зрачат со позитивна енергија за остварените резултати на владата, а пред најгледаната емисија (ТВ вестите) се нижат бескрајни низи на објави, огласи и законски норми - кои неодоливо потсетуваат на почетокот на филмовите од сагата „Војна на ѕвездите“.
Звучат како еден вид херојска епопеја, и создаваат чувство дека ги живеете славните мигови на својата држава и народ. И оваа влада употребува слогани од типот „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, дури и кога пропагира веронаука.
Според некои неофицијални пресметки, владата троши речиси 2% од буџетските средства за себе-рекламирање и за перење мозоци, но и за убедување дека „сваког дана у сваком погледу све више и више напредујем/о“. Досега не се најде јунак, кој ќе ја пробие државната тајна за тоа колку навистина пари се потрошени за вакви промотивни цели.
Не би ме изненадило и да нема волја да се открие износот, затоа што од колачот се засладуваат и медиумите, кои практично живеат од таквите платени огласи и кампањи и точно знаат по која цена го отстапуваат својот простор. Но, не се луди да си ја сечат гранката на која седат, нели?
Ионака, симбиозата меѓу медиумските магнати и политичките моќници не е ниту нова, ниту доведена во прашање. Напротив, веќе е сосема јасно кој е кој, и кој е чиј. Затоа, зад звукот на медиумската помпа имаме зачмаено и тивко општество, поделено на патриоти и предавници.
Далеку најзагрижувачко е она што се случува во политичката сфера. Тишината го зафаќа дури и Парламентот, во кој има индустриско производство на закони, кои се носат за неполни пет минути, а задираат или во темелите на државното уредување, или во човековите слободи и права.
Пратениците дури и не глумат дека ги читаат предлозите на владата, а откако се „изнаработија“ притискајќи ги копчињата за гласање, сега се наоѓаат во „заслужен“ одмор. Дури и оние со правничко образование не стасуваат да ги прочитаат предлог законите пред да бидат донесени, а кога еднаш ќе се донесат - постојат сите предуслови, тие и да останат во важност, бидејќи вирусот на тишината го зафати и Уставниот суд.
Посебна е грижата која власта ја покажува за бебзедносните служби. Откако со закон се заштитија полицајците од насилните граѓани (кои сега не смеат ни да им писнат, ниту попреку да ги погледаат затоа што може да ги знајде казна), дојде ред да им се даде неверојатна финансиска инјекција.
Тајните служби добија лавовски дел од буџетскиот колач (25 милиони евра наместо досегашните 400 илјади), без воопшто некој и да праша за причините за тоа. Дали затоа што внатрешниот непријател зајакнал или станал поперфиден и поопремен, па службите треба да му доскочат?
За одговорот на ова прашање не требаше да чекаме долго, бидејќи со измените на законите за кривична постапка и за следење на комуникациите стана јасно дека акцијата ќе биде долготрајна и масовна (да не речам, тотална), па затоа ќе бидат потребни најсофистицирани апарати за прислушување.
Ова ветува дека спектакуларните приведувања и елиминирањето на презумпцијата на невиност ќе станат трајна одлика, бидејќи „непријателот“ има сколност да го користи законот како свое прибежиште.
Затоа, и покрај масовната продукција на закони, власта се практицира арбитрерно - само таа одлучува кого, кога и како ќе го приведе или ослободи од обвинение.
Бројот на лица кои можат да бидат предмет на употреба на специјалните истражни мерки е практично неограничен, бидејќи законот дозволува истите да се применуваат не само кога постои сомнение дека е сторено кривично дело, туку и кога се верува дека некој подготвува такво дело (дури и кога подготвителните дејства не се санкционираат).
Истиот закон дозволува употреба на прислушување дури и кога доказите можат да се прибават на друг начин, ама тоа е потешко.
Најголемото разочарување во оваа орвеловска приказна се вика
Моника Маковеј. Пред неколку години и самата подлегнав на медиумскиот сјај на оваа жена борец против корупцијата во Романија, за која се сметаше дека е директно заслужна што нејзината земја влезе во ЕУ, а која западните медиуми ја нарекуваа Џедај.
Тогаш се прашав: дали ние имаме џедаи? Дали имаме храбри и одважни лица кои ќе застанат на патот на корумпираните елити. Тогаш не можев ни да претпоставам дека токму Маковеј ќе стане советничка на нашиот Премиер, ќе му помогне да направи закон со кој јакнат стегите на власта за сметка на упадот во приватноста и човековите права, при тоа елиминирајќи ги локалните експерти и професори.
Критиките на експертската јавност со право укажуваат дека ако цената за борбата против корупцијата е загубата на човековите права, тогаш тоа е прескапа работа која ќе создаде полициска држава во која ќе нема корупција (во ниските ешалони), но ќе нема ни човекови права.
Реакцијата на Маковеј не беше ни малку демократска: таа ги етикетираше сите критичари на нејзиното законско чедо по американски 9/11 терк дека имаат нечиста совест и дека сигурно затоа се загрижени од употребата на ваквите мерки.
Сега веќе и отворено признавам дека „Војната на ѕвездите“ и џедаите се сериозна работа, и дека човек треба да се замисли пред да посака нешто - бидејќи желбата може да му се оствари... Всушност, и Орвеловата „1984“ завршува со главниот јунак, кој после примената на специјалните мерки, со љубов мисли за Големиот брат. Во него нема ни отпор, ни страв, ни омраза... Само чиста љубов кон Водачот...
Авторот е доктор по правни науки, сопственик на блогот: vankovska.blog.com.mk
27.09.2008