
Пишува: д-р Ана Стојаноска, театролог
Деновиве ни се случуваат промени. Цел куп. Кога велам нам, мислам на нас сите како дел од оваа држава. Промените се поврзани со тоа што ни се случува во секојдневието, се воведуваат закони, забрани, правилници, слушнати-наслушнати, допишани-недопишани, земени-ископирани од други места и сл. Деновиве ни се случуваат скапотија, скокање на цени, пад на берзи, не ме бива за финансии, па со лесно ќе заминам од таму кај што отидов.
Намерата ми е да пишувам за тоа како кај нас никој не се буни за ништо. Кога бев студент во едно далечно време, се случија исто така одредени промени. Излегоа студентите на протести, меѓу нив и јас. Не ме бива да молчам. Тие што ме знаат, посебно најблиските за мене велат дека „Важно е да се буниш!“ Јас сум дежурниот „бунач“ во поблиската и подалечната фамилија. Значи, додека простестиравме, некои колеги седеа дома (имаа притоа добри оправаданија), некои шетаа по светот, а на некои не им беше гајле.
Една моја тогашна професорка, денес етаблиран академик ни рече на едно предавање дека во Франција студените се бунат за се што не им чини. Кога ќе се кренат тие на нозе, по нив излегуваат работниците, возачите, јавните работници, за да се помогне во остварување на целта. Гласот на народот е важен во некои земји. И да не е помага во сликата дека е важен. За жал ние не се буниме.

И кога треба да се излезе на улица, обично или ќе се налепи политичка етикета (па не сакам да ме едначат со некоја партија! Да и јас не сакам!!!) или ќе се заплашат луѓето или нешто трето. Имам обичај да речам дека нашиот ген за бунење е или изгубен во минатото или угнетен во историјата. Важно го немаме. И тие што се бунат, малкумина, имаат разни причини, само многу ретко – вистинската!
Зошто не се буниме кога ни е мачно? Зошто не се буниме против небулозни забрани, против воведување некорисни вакцини, против одредени елементи кои ни ја рушат културата? Не сакам да звучам како баба, ама јас растев во време кога беше важно да имаш СТАВ! Така сум и воспитувана. Можеби мојата генетика не ми дозволува да наведнам глава и да речам – Ајде! Што и да значи тоа ајде.
И овој текст што го пишувам е за да се збунам. Не сакам да ме едначат со маса, со синдром на колективно стадо. Сакам да си кажам мислење, не сакам да биде еднакво со другиот. Сакам да кажам дека во оваа земја има луѓе чии претци изгинале за нејзе, и кои не сакаат нешто што се наметнува како заедничко. Не, нема да протежирам ниту една туѓа идеја, посебно не политичка! Имам за цел да прашам: зошто не се буниме?
Или на сите им е убаво, освен мене. Сите се согласуваат со се, освен јас? Не ми се верува.
Очигледно глобална е идејата за масовно „оглупавување“ за да може да се прави потоа што се сака. Ама, имаме глави и мозок и генетска предиспозиција да го поместиме светот. Штета што не го искористуваме.
П.С. Авторот на текстот не е политички определен и нема за цел да биде.
П.П.С. Текстот е посветен на сите што им пречи едначење по географска одредница и знаат да си го кажат својот СТАВ. На оние останатите ете им цел куп испробани рецепти за живот зачинети со естрадното распаѓање.
Текстот и фотографиите објавени во колумнава се сопственост на авторот.
22.09.2008