logo
Објавено на Таратур (http://www.taratur.com)

Еволуцијата е библиска

Ватикан соопшти дека теоријата за еволуцијата е согласна со учењето на Библијата, но дека нема да има никакви постхумни извинувања до Чарлс Дарвин, бидејќи Црквата никогаш не ја забранила неговата книга Потеклото на видовите. Ватиканскиот министер за култура, надбискупот Џанфранко Раваси најави за март следната година конференција на научниците, теолозите и филозофите во Рим, по повод 150 години од објавувањето на Дарвиновата книга ’Потеклото на видовите’, која ги постави темелите на теоријата за еволуцијата. Христијанските цркви долго време се спротивставуваа со Дарвиновото учење затоа што неговата теорија за настанокот противречи на креационизмот, односно буквалното читање на библискиот опис за настанокот, според кој Бог е создател на светот. Водечкиот свештеник на Агликанската црква, Малком Браун, пред некој ден изјави дека Англиската црква му должи извинување на Дарвин заради рецепцијата на неговото учење маѓу англиканците во Велика Британија. Папата Пие XII во 1950 година оцени дека еволуцијата е исправен научен пристап за настанокот на луѓето, додека папата Јован Павле II истото го повтори во 1996 година. Меѓутоа Раваси рече дека Ватикан нема намера да се извинува заради поранешните негативни ставови за Дарвиновото учење. Тој наведе дека Дарвиновата теорија и неговата книга никогаш не била осудена или забранета од страна на Католичката црква. Други христијани, воглавно конзервативните протестанти во САД буквално ја толкуваат Генезата и се противат на предавањата за теоријата за еволуцијата на часовите по биологија. Католичката црква меѓутоа не застапува буквално читање на Генезата според која Бог го создал светот за шест дена, што е пак основа за креационизмот, туку наведува дека станува збор за алегорија за начинот на кој Бог го создал светот. Раваси наведе дека креационизмот припаѓа „стриктно на теолошката сфера“ и дека не може „идеолошки да се користи во науката“. Католичката црква се залага за „теистичка еволуција“, сфаќање кое ја прифаќа еволуцијата како научна теорија и според која не постојат причини зошто Бог не би можел да ги искористи еволуциските процеси во создавање на човековиот вид. Папата Бенедикт XVI во говорот во Париз минатата недела зборуваше и против буквалното читање на Библијата.

Податоците доаѓаат од:
http://www.taratur.com/node/5172