logo
Објавено на Таратур (http://www.taratur.com)

Црвенковски: Оддалечувањето од ЕУ и НАТО е опасно

Постојаните обиди на Груевски да го релативизира значењето на нашето интегрирање во ЕУ и во НАТО за иднината на нашата земја е опасна работа. Ова, во интервјуто за неделникот „Глобус“, го вели претседателот Бранко Црвенковски, кој додава дека алтернативно сценарио за интегрирањето на земјата во НАТО и во ЕУ, а кое би овозможило демократски и економски развој на Македонија, не постои. „Во ситуација на подолготрајна блокада на интегративните процеси и изолација на нашата земја, ние ќе разговараме за политики за опстанок и преживување, но не и за сестран економски и демократски развој. Постојаните обиди на Груевски да го релативизира значењето на нашето интегрирање во ЕУ и во НАТО за иднината на нашата земја е опасна работа“, вели Црвенковски. Според него, враќањето на двојната формула во игра во една ваква деликатна и поодмината фаза на преговори е контрапродуктивно и претставува порака за блокирање на преговарачкиот процес. „Барањето на Груевски и неговите инсталации упатено до мене да дадам јас предлог за решавање на спорот е елементарно непознавање на технологијата на преговорите. Ова не е внатрешно-политичко прашање, туку процес во кој постои и друга страна - Грција и посредништво на ОН“, вели Црвенковски. Македонскиот претседател смета дека треба да се дојде до разумен и фер компромис со Грција кој на ниту еден начин нема да го загрози нашиот национален идентитет. Тој додава дека нема информации за постоење на т.н. американски план за решавање на спорот со името.
Copyright 2008 makfax [1] Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.

Податоците доаѓаат од:
http://www.taratur.com/node/4974