Македонија денеска повторно ќе побара дата за почеток на преговори за членство во ЕУ, на што се надева од добивањето на кандидатскиот статус на крајот на 2005 година.
Барањето за почеток на преговори со Европската унија (ЕУ), како и преглед на напредокот што Македонија го има остварено во евроинтегративниот процес, ќе ги изнесат владини претставници на средби во седиштето на Европската комисија во Брисел.
Како што е соопштено, вицепремиерот за европски прашања Ивица Боцевски и шефот на дипломатијата Антонио Милошоски, ќе имаат средби со еврокомесарите за проширување и за правда и безбедност, Оли Рен и Жак Баро, како и со генералниот директор на Директоратот за проширување Мајкл Ли.
Предвидени се средби и со европратеници. Во рамки на дводневната работна посета на Брисел, македонската владина делегација во петок ќе има средба со известувачот на Европскиот парламент за односот меѓу Македонија и ЕУ Ерик Мејер.
Пред посетата на Брисел, вицепремиерот Боцевски изрази очекување дека Македонија ќе биде реално оценувана за постигнатото во исполнувањето на поставените критериуми за почеток на претпристапни преговори.
„Ние ќе ги презентираме нашите достигнувања и ќе покажеме до каде ги реализиравме одредниците. Имаме што да покажеме и одиме да ги браниме нашите позиции и да го побараме датумот за почеток на преговори со ЕУ“, изјави во средата Боцевски.
Copyright 2008 makfax [1] Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.