Македонија се залага за изнаоѓање прифатливо решение на прашањето за името, порача премиерот Никола Груевски од САД.
„Не сме фокусирани дали тоа ќе биде во септември или октомври. Тоа за нас е крупно и историско прашање и важно е да се заврши на добар начин што за нас ќе биде прифатлив, а не поради тоа што тој месец е годишното собрание на ОН, или пак во октомври има нешто друго“, рече премиерот Груевски за македонската редакција на Гласот на Америка.
Груевски, кој присуствува на изборната конвенција на Републиканската партија, не очекува сериозна промена во американската политика кон Македонија, независно кој ќе победи на претседателските избори.
„Македонија и САД имаат стратешко партнерство и од досегашното, би рекол - историско искуство, гледајќи ги надворешните политики на САД, очигледно е дека тие не ги менуваат стратешките партнерства преку ноќ“, вели македонскиот премиер.
„Сите кои досега сум ги сретнал од Стејт департментот и од партиите во САД, велат дека не би требало да се очекува некоја крупна и сериозна промена. Но, останува да видиме“, рече Груевски.
Copyright 2008 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
4.09.2008