Компјутерскиот експерт Ангелина Марковиќ во текот на десетте дена проверка на лаптопот на Караџиќ не пронашла ништо спектакуларно, освен музика и филмови. Се претпоставува дека некој претходно ги отстранил сите ’компромитирачки’ материјали.
„Музика има убедливо најмногу околу 14 гигабајти. Во лаптопот се наоѓаат и видео клипови а го има и филмот ’Миконос’. За жал не можев да го гледам филмот затоа што така би се променил редоследот на фајловите. Затоа е потребно да се направи комплетна копија на хард дискот односно клон. Од старите видео клипови тука е ’Беседата на таткото Јоила’ и неколку клипови чија тема е здравиот живот”, изјави
Марковиќ.
Таа треба да го предаде финалниот извештај на Меѓународниот одбор за утврдување на вистината за
Радован Караџиќ за десет дена. Текстовите кои се наоѓале во лаптопот не ги читала туку само ги прегледала по насловите, па така не се знае што има во документите.
Анализата покажала дека некој двапати го користел во периодот откако е запленет. Прво на 19 јули и тоа неполн час, додека на 1 август на компјутерот е работено околу десетина часа.
„Необично е тоа што некој копирал одредени програмски фајлови за да го пополни просторот на дискот. Бидејќи тие копирани фајлови не служат за ништо, можно е некој да отстранувал нешто, па да пополнува со ова“, претпоставува Марковиќ.
Збунувачки е и тоа што некои нови директориуми се креирани, и тоа целосно празни за време на работењето на 19 јули и 1 август.