Јавно понижување е соодветна казна за сообраќајните прекршоци, смета шангајската полиција, па снимки со неодговорните граѓани ќе се најдат во медиумите.
Полицијата во Шангај одлучи во весниците и на локалните телевизии да ги објавува фотографиите и видео снимките на луѓето кои непрописно ја минуваат улицата.
Како што се очекува, прекршителите на тој начин ќе бидат јавно посрамени, што би ги принудило во иднина да ги почитуваат прописите, пишуваат кинеските медиуми.
Пешаците, велосипедистите и моторџиите ќе бидат снимани на неколку раскрсници, а нивните слики ќе бидат објавувани во специјални рубрики и ТВ емисии кои ќе ги уредува полицијата.
Ваквата одлука остро ја критикуваат адвокатите, кои велат дека јавното понижување е преостра казна за толку мали прекршоци и предупредуваат дека би можело да дојде до зачестено подигање на приватни тужби против полицијата поради нарушување на угледот.
Сообраќајната полиција во Шангај во осумте месеци од годинава регистрирала дури 7,8 милиони непрописни преминувања на улиците.
29.08.2008