logo
Објавено на Таратур (http://www.taratur.com)

Рекламократија или Кога маркетингот е зло

Пишува: д-р Ана Стојаноска, театролог
Секој родител му го сака најдоброто на своето дете. Секој родител се води од личната можност да му го даде најдоброто на своето дете. И во тоа нема ништо лошо – напротив. Меѓутоа, истата таа потреба и љубов може да биде злоупотребена. Истата таа може да биде ставена како водечка негативна линија против желбата и можноста на родителот. Посебно истата ја користи големата рекламна машинерија која се меша во исхраната на новороденчињата и на доенчињата. Сакам да обрнам внимание на еден голем факт - Кога маркетингот е зло? Кога подмолно се рекламираат производи што не треба да бидат рекламирани. Во сериозните држави забрането е рекламирање на дрога, алкохол, цигари и адаптирано млеко. Четирите големи убијци. Како што ги нарекуваат. Процентот на смртни случаи е ист во сите четири области. Висок е. Меѓутоа, големата рекламна машинерија најдува начини да го направи и тоа. Односно, да рекламира нешто што не треба да биде рекламирано и тоа на најподмолен начин, некои би го нарекле „суптилен“. Начинот е прецизно смислен, проектиран и со можност да биде и понатаму користен. Сакам да обрнам внимание на маркетингот на адаптираното млеко. Мајчиното млеко е идеалната храна за секое новороденче! Телото на мајката ја произведува тајната формула која ги има СИТЕ потребни елементи за здрав живот на детето. Мајчиното млеко има состав што до денес не е прецизно дооткриен, затоа што природата СОВРШЕНО точно знае на кое дете, што од мајчиното млеко му треба. И иако во седумдесеттите години од минатиот век се тврдеше дека надоместоците за мајчино млеко се еднакви по состав со оригиналот, сепак, не е така. И не е така до денес и покрај огромниот напредок и на науката и на технологијата. Меѓутоа, мајчиното млеко не може да се рекламира. Односно може, ама никој нема да заработи со тоа. Затоа се оди кон контра пропаганда. Млекото е „слабо“, „малку“, „недоволно“, „алергено“, а притоа дури и поткрепени се ваквите тврдења со „научни истражувања“. За жал единствена корист од тоа има рекламната машинерија и производителите на адаптираното млеко. Адаптираното млеко е создадено како ЛЕК, замена за мајчиното за оние дечиња што уште од најрана возраст останале без мајка и за оние дечиња чии мајки имаат физички недостатоци кои го попречуваат доењето. Како и секој лек и адаптираното млеко има голем број на нус појави, од кои повеќето се појавуваат во подоцнежна возраст. Значи додека детето е мало е навидум се во ред. Меѓутоа, адаптираното млеко е причинител за најголем број на алергии кои се актуелни денес во светот, за голем број на стомачни болести, меѓу кои за појавата на Хроновата болест во подоцнежниот дел од животот. Исто така, адаптираното млеко влијае и на зголемената смртност кај новороденчињата, на проблеми со органите за варење и на останатите витални органи кај човекот. Ама ова во рекламите за нив никој не ви го кажува. Исто како што не ви кажува, дека како ЛЕК мора да биде препишан од лекар и тоа на рецепт, затоа што лекарот треба да знае дали и на што е алергично вашето дете, кои нус појави ги има, да се превагне дали штетноста го намалува или зголемува ризикот. Само се користат со дробро осмислени зборовни формули кои ќе ви речат дека МАЈЧИНОТО МЛЕКО Е НАЈДОБРО ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ! ама кога мајчиното „не е доволно“, „е слабо“, ..., тогаш ете ја идеалната замена. И тоа на најподмолниот начин на рекламирање. Во една од најпровокативните книги на мајсторите на научната фантастика Фредерик Пол и Сесил М. Корнблут „Рекламократија“ (1952), се дава слика на Земјата во блиската иднина, во која со комерцијализираниот и пренаселен свет владеат рекламните компании кои ја диктираат не само потрошувачката, туку и начинот на живот. На мошне впечатлив и интригантен начин се прикажува врската меѓу рекламата/маркетингот и средствата од кои се станува зависен ставани во производите што се рекламираат. Огромната машинерија на конзумеризмот си дозволува да става средства, поточно алкалоиди кои го прават човекот зависен само да се зголеми производството, или како што тоа го дефинира еден од ликовите од романот – „секој примерок на `Најкафе` содржи три милиграми на благ алкалоид. Тоа не е штетно – само создава навика“. Немојте да си мислите дека тоа е така само во научната фантастика. Во денешните формули со надоместок за мајчино млеко, колоквијално наречени адаптирано млеко, се ставаат (освен генетски модифицираните елементи, ама тоа е за некоја друга приказна) и средства, најчесто хемиски, за смирување и станување зависен. Ќе ви потврдам со пример. Во еден од доминантните совети што секоја советничка за помош при доењето на големите организации за заштита и промоција на доењето го добива се вели, ако детето и/или мајката што имаат проблем со доењето побараат совет од вас, а притоа напоменат дека користат и адаптирано млеко, треба покрај останатите совети да се внимава дека адаптираното млеко постапно треба да се исфрла од употреба. Значи по 30 мл дневно за да не се предизвика апстиненциски шок! Ова е многу важно! Ако се е во ред, тогаш немаше да добиваме вакви совети. Затоа, ах, можеби затоа е и ЗАБРАНЕТО да се рекламира адаптираното млеко. Тоа е лек, создаден за помош на оние МАЛ број на деца кои не можат да го примаат мајчиното млеко. Само 5 % од жените на светот имаат некаков физички недостаток што го спречува доењето. Останатите МОЖАТ да дојат!!! А дојат само околу 16% проценти во првите 3 месеци (кога е најголемиот скок во развој и наместо педијатарот да ви помогне околу доењето ќе ви го каже адаптираното млеко или производителот кој може да ви „помогне“!?!?) и многу мал процент до првите 6 месеци. А најголемиот авторитет за здравјето во светот – Светската здравствена организација вели – Доење исклучиво/екслузивно (значи без никакви надоместоци, ни чај, ни вода) во првите 6 месеци, по можност и подолго и доење минимум до втората година од животот на детето! Всушност оваа организација ги увидела последиците од недоењето и зголемиот, енормен процент на болести како резултат од надоместоците за мајчино млеко. Она што ми е важно, а што сакам да го акцентирам во текстов е дека маркетингот на адаптираното млеко се служи со најподмолните начини да го уништи доењето. Затоа е и формирана организацијата ИБФАН за заштита на доењето, затоа е воведен ПРАВИЛНИК за маркетинг на сите надоместоци за храна на доенчиња, затоа постојат МОНИТОРИ од УНИЦЕФ за заштита на доењето (за жал, за огромна жал, Македонија не е потписничка на кодот, и нас во светските извештаи не ставаат во негативната статистика). Македонија е пример од негативната статистика на светските монитори за заштита на доењето и се наоѓа во неверојатното друштво на земјите од таканаречениот Трет свет! Во еден од извештаите на комисијата на УНИЦЕФ се наведува дека за време на бомбардирањето на Србија од страна на НАТО, при доаѓањето на бегалците од Косово во Македонија, еден производител на адаптирано млеко предничи во донациите на бегалците. Истиот тој производител денес е главен донатор во повеќето болници во Македонија и причинител за огромниот процент на недоење во Македонија. Откако во 2002 година, УНИЦЕФ им додели титули „Болници пријателки на бебињата“ во Македонија, после некое време им ги одзеде, затоа што болниците форсираа адаптирано млеко, медицинскиот кадар не беше едуциран за доење и исто така немаше услови за заедничко сместување на мајката со детето, за да може да се обрне внимание на првиот подој. Полесно е да се форсира локалниот фолклор собран од тетки и стрини, па дури и од педијатрите (затоа што тие се лекари за болни деца, а не се едуцираат за доење, ама сепак на родителите им се ЗАКОН) и да се каже дека ете мајката нема млеко, слабо е или некоја слична небулоза, наместо да се штити доењето. Затоа што тоа на децата им го гарантираат голем број конвенции за нивна заштита. Кога маркетингот е зло? Кога наместо да се едуцира мајката, наместо да се едуцира медицинскиот персонал, наместо да се стави еднаш засекогаш крај на празните флоскули од типот „немаш млеко“, „слабо млеко“ и сл., се препорачува одреден тип замена за мајчино млеко и тоа на најневеројатни начини. Во тоа предничат одредени производители (ама и за тоа во некоја друга прилика). Замислете една ваква ситуација. Млада мајка дојдена од родилиште со имплозија од хормони во нејзиното тело и околина која се потпира на локален фолклор. Најчесто е третиот или шестиот ден по раѓањето на детето. Тоа се првите скокови во развојот. И наместо да се помогне, да се каже дека има почетна преполнетост, каква е правилната положба на градите, се носи шише и адаптирано. Демек да не остане детето гладно. А детето не е гладно. И мајката ќе се јави во родилиштето и таму ќе и го кажат истото. Во позадина секогаш има плакат или проспект на одреден производител на надоместоци за детска храна, кој донира одредени средства на болницата. Во тоа е одговорот на прашањето зошто болниците во Македонија го изгубија статусот на Болници пријателки на бебињата. Тоа се најподмолните начини на реклама. Реклама која на ефтин начин доаѓа до масовни резултати. Посебно затоа што во рекламите детето мирно спие, а тоа ќе се потврди и како точно. После целоноќно плачење, бебето ќе заспие со адаптирано затоа што тоа е тешко сварливо, за разлика од мајчиното и има одредени средства за смирување, сетете се само на „Рекламократија“. Затоа следниот пат кога ќе видите плакат со мирно бебе кое спие на мајчините гради а во позадина потписот на Х производител на адаптирано, не заборавајте дека вистинската слика не е таква, дека постојат проблеми, но и дека МАЈЧИНОТО МЛЕКО Е НАЈДОБРА ХРАНА ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ!!! И дека маркетингот на адаптираното млеко е чисто ЗЛО! Текстот е резултат на лични истражувања базирани на податоци од Светската здраствена организација [1], ИБФАН [2], УНИЦЕФ [3] и повеќе светски центри за заштита на доењето. Статистиката за смртноста е преземена од податоците на Светската здраствена организација.
Текстот и фотографиите објавени во колумнава се сопственост на авторот.

Податоците доаѓаат од:
http://www.taratur.com/node/4823