Претседателот веќе 15 години е на власт и можеше да го реши проблемот со името, како и влезот во НАТО. Има уште 7-8 месеци, па нека даде предлог. Чудно е кога човек кој е 15 години во власт да се однесува како да е од вчера во политиката, истакна премиерот Груевски.
Премиерот
Никола Груевски во врска со обвинувањата од страна на претседателот
Црвенковски за лоша кохабитација и слаба стратегија за решавањето на проблемот со името, посочи дека токму тој е веќе 15 години на власт и можел да го реши проблемот со името, како и проблемот со НАТО.
„Значи ако ние имаме слаба стратегија, ако ние не знаеме како, а тој знае, ние му оставаме простор во наредните 7-8 месеци, особено сега кога ќе има интензивни преговори нека даде конкретен предлог, да го слушнеме сите конкретниот предлог, не како описен предлог, нека даде име или било каков друг предлог и ние сериозно ќе го разгледаме и ако е добар ќе го поддржиме“, изјави денес премиерот Груевски.
„Тој нема дадено никаков предлог за проблемот. Веќе 15 години е во политиката, а се однесува како вчера да започнал. Од 1991 година го решава проблемот со тезата дека времето работи за нас, па признавањето на Америка заедно со една друга група на експерти не убедуваа дека еве сега сите ќе не признаат откако Америка не призна под уставното има, а сега сите тие експерти и самиот тој ни кажуваат дека требаат нови стратегии, дека сме на погрешен пат, дека требаат да се менуваат работите и затоа велам нека излезе во наредните 7-8 месеци со конкретен план што треба да правиме“, посочи премиерот.
Премиерот Никола Груевски во врска со изјавата на амбасадорката во заминување на САД,
Џилијан Миловановиќ дека Македонија нема иднина без членство во НАТО, изјави дека секој има право на свое мислење и дека се согласува со тоа дека доколку станеме членка на НАТО е подобро за нашата држава.
Што се однесува пак до тоа дали владата има резервен план доколку не добиеме позитивен извештај од Европската унија, премиерот рече дека сите добро познаваме што е проблемот,и дека се исполнети сите критериуми за НАТО, така што нема да има други ниту политички ниту економски освен проблемот со името.
Тој потенцираше дека Грција бара да го смениме името и Уставот.
Во врска со обвинувањата на грчката министерка за надворешни работи
Дора Бакојани дека тој е виновен, Груевски изјави:
„Не ме обвинува само таа, гледам дека ме обвинуваат и на домашен терен, прифаќам дека ја сум виновникот за се, веројатно ја сум виновникот што 15 години не е решено тоа прашање, виновник сум што, не знам, зошто не носам саат од 15 илјади евра, веројатно сум виновникот зашто 15 години двете влади и на Македонија и на Грција не го решија прашањето“.
На прашање дали владата влегува во војна со приватниот сектор, со оглед на тоа што по вчерашното донесување на законот за Енергетика ЕВН веднаш реагираше со соопштение дека не е добар и дека не е европски, премиерот Груевски изјави дека оваа влада никогаш не води војна со приватниот сектор.
„Ние си ја вршиме нашата работа, таа работа понекогаш е во спротивност со желбите на монополите. Тие се монопол во Македонија, имаат желба да имаат поголеми профити на штета на граѓаните на државата и надвор од принипите на работење во Европската унија. Тие се незадоволни и реагираа, ние одговоривме, бидејќи доколку не одговоривме ќе испаднеше дека се согласуваме со нивната реакција. Оваа влада никогаш не води војна со приватниот сектор“, додаде Груевски.
27.08.2008