Амбасадорот на Руската Федерација во Макеоднија Владимир Солоцински изутрината во Министерството за надворешни работи го информирал македонското раководство за руската позицијата во однос на признавањето на независноста на Јужна Осетија и на Абхазија, објави МИА.
Во информацијата се вели дека амбасадорот Солоцински го пренел и повикот до македонсктие власти за признавање на независноста на Јужна Осетија и на Абхазија, во рамките на обраќањето на Русија до сите држави во светот.
На денешната прес-конференција Солоцински нагласи дека на списокот од 15 земји кои учествувале во снабдувањето на Грузија со оружје, не е Македонија.
“Владата на Република Македонија нема никаква врска со тоа. За снабдувањето на Грузија со оружје и создавање на офанзивен потенцијал главно се одговорни САД и Украина, додека од Германија оружјето е шверцувано“, дециден е амбасадорот на Русија во земјава.
Според него, по операцијата на воените сили на Грузија наречена “Чисто поле“, руските војници нашле и уништиле поголемо количество оружје, меѓу кои и неотпакувани 4.000 американски пушки “М4“. Солоцински ги информира новинарите дека руската војска затекнала и 10 нови хамери на кои пишувало - сопственост на Пентагон. САД, рече тој, побарале да им бидат вратени, меѓутоа, како што нагласи, никакво оружје нема да им биде вратено на Американците или на Грузија, иако Русија “не ги менува калашниковите за М4“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали признавањето на независноста на Јужна Осетија и на Абхазија ја води Русија, врз основа на истите принципи, кон признавањето на Косово, Солоцински нагласи дека во моментот не станува збор за признавање на Косово. Тој информира дека вчера Русија донела одлука за прекин на сите програми за соработка со НАТО, а е стопирано и учеството во мировните мисии, со исклуичок на логистичката поддршка на НАТО војниците во Авганистан. Солоцински посочи дека во таа насока на генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер му било сугерирано дека не е вистинскиот момент за реализирање на подолго време планираната посета на Москва.
На прес-конференцијата, амбасадорот на Русија во Македонија ги обвини “Би-Би-Си“ и “Си-Ен-Ен“ за антируско необјективно информирање за состојбата на Кавказот.
“Русија не сака почеток на нова студена војна, но не се плаши од тоа“, потенцира Солоцински, информирајќи дека утре се очекува на Самитот на Шангајската организација да се дискутира за одлуката на Русија да ја признае независноста на Јужна Осетија и на Абхазија.
27.08.2008