Собранието на Македонија денеска едногласно и со акламација усвои Резолуција за бегалците од воените дејствија во Грција за време на Граѓанската и Втората светска војна.
За предложениот текст на Резолуцијата гласаа сите 88 пратеници, присутни на собраниската седница.
Резолуцијата предвидува Владата да ја помогне правната битка на Егејците за враќање на одземените имоти за време на Граѓанската и Втората светска војна во Грција, и на секои шест месеци да го информира Собранието до каде е постапката.
Предлагачи на Резолуцијата беа група пратеници од владеачките ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ, и опозиционата СДСМ.
За време на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција. околу 60,000 бегалци, од кои најголем дел Македонци, ги напуштија родните места во Егејска Македонија.
Грчките власти на бегалците и нивните семејства до денес не им дозволуваат да се вратат во Грција, ниту да располагаат со нивните имоти.
Copyright 2008 makfax Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
27.08.2008