Бразилскиот волшебник и шведската фудбалерка престојувале во ист хотел во Пекинг. Роналдињо ја бендисал, почнала голема офанзива, дури и ја запросил, но типката успешно се одбранила.
24-годишната фудбалска репрезентативка на Шведска,
Јохана Алмгрен откри во разговор за локалните медиуми неверојатна приказна, за тоа како во Олимпиското село ја запросил, ни помалку ни повеќе, туку
Роналдињо.
Приказната е всушност и разбирлива, ако ја земеме предвид љубовта на Роналдињо кон жените и фудбалот, но Јохана ја доживеала прилично сериозно.

Двете репрезентации во текот на ОИ биле сместени во ист хотел, а Јохана тврди дека Роналдињо неколку пати се обидел да ја ’издрибла’.
„Бевме во истиот ходник, а тој само помина покрај Кинезите кои му бараа автограм и тргна кон мене. Ме погледна в очи, ме фати за рака и ми ја бакна. Ми беше малку непријатно“, изјави шведската стоперка и продолжи:
„Потоа примив телефонски повик во својата соба, се јави некој човек кој на лош англиски јазик ми кажа дека Роналдињо ме вика во неговата соба. Прво мислев дека се шегува мојата колешка
Тереза Сјерган“, раскажува русокосата фудбалерка.

Таа потоа и навистина пошла во бразилскиот дел од хотелот и заедно со нејзини колешки од репрезентацијата влегле во собата со бразилските ѕвезди. Момците се шегувале, заедно со Роналдињо, но никој од нив не зборувал добро англиски, па тајната и ја открил преведувачот.
„Ми објасни дека Роналдињо сака да се ожени со мене. Бев шокирана и веднаш реков ’не’. Си го имам јас мојот
Адам во Шведска“, рече Јохана.
Потоа изјави дека е сигурна оти нема да има проблеми со Адам, „иако малку му требаше да се смири кога дозна за средбата со Роналдињо“.

На крајот вели дека му подарила дрес од Шведска, но дека и е жал што немала доволно храброст да го замоли Роналдињо за бразилски дрес.
26.08.2008